Албумот „cowboy Carter“ на познатата американска пејачка Бијонсе синоќа беше прогласен за најдобар албум на годината на 67. доделување на престижните музички награди Греми во Лос Анџелес. Истата вечер, „Not Like Us“ на Кендрик Ламар ја доби наградата за најдобра снимка и песна на годината.
Со својот осми студиски албум, Бијонсе успеа да освои две значајни признанија – Греми за најдобар албум и за најдобар кантри албум. Пејачката имаше вкупно 11 номинации оваа година, а со оваа победа се искачи на врвот, победувајќи имиња како Тејлор Свифт и Били Ајлиш. Иако во минатото неколку пати беше номинирана за главната награда, ова е првпат таа да ја освои, откако нејзините албуми „I Am… Sasha Fierce“ (2008), „Beyonce“ (2013), „Lemonade“ (2016) и „Renaissance“ (2022) останаа без признанието.
Церемонијата на доделување на наградите се одржа во арената Crypto.com во Лос Анџелес, и покрај тоа што многу јавни настани беа откажани како последица на катастрофалните пожари. Дел од вечерта беше посветен на жртвите и штетите што ги предизвикаа пожарите во еден од најголемите американски градови.
Кендрик Ламар, пак, беше награден со Греми за најдобра снимка и песна на годината за песната „Not Like Us“, инспирирана од неговиот конфликт со познатиот канадски рапер Дрејк. Со тоа,тој ја надмина конкуренцијата во која беа и Бијонсе,Тејлор Свифт и Били Ајлиш. Песната, објавена во мај 2024 година, е дел од низа траки во кои Ламар отворено го напаѓа својот ривал. Со карактеристичниот бас ритам, „Not Like Us“ брзо се етаблира на сцената како симбол на рапот од Западниот брег.
Во меѓувреме, младата поп ѕвезда Сабрина Карпентер триумфираше со две Греми награди, докажувајќи дека е една од најголемите ѕвезди во подем. Таа ја освои наградата за најдобар поп албум со „Short n’ Sweet“, како и за најдобра поп вокална изведба за песната „Espresso“.
Новата пејачка Чапел Роан беше прогласена за најдобар нов изведувач. На сцената таа повика издавачките куќи да обезбедат финансиска сигурност за музичарите, вклучително и здравствено осигурување. Роан со емоции зборуваше за периодот кога се чувствувала „дехуманизирана“ поради недостиг на здравствена заштита.
Оваа година, Греми наградите имаа и хуманитарен аспект, со дел од настанот наменет за прибирање помош за жртвите на масовните пожари во Лос Анџелес. Трагедијата однесе 29 животи, а илјадници луѓе, меѓу кои и бројни музичари, останаа без своите домови.
Победниците на Греми наградите се избираат од страна на Американската академија за снимање уметности и науки, која брои околу 13.000 членови – пејачи, текстописци, продуценти и аранжери.