Српското Министерство за надворешни работи ги отфрли наводите на Германија, која ја означи состојбата во Србија како „длабоко загрижувачка“ во поглед на владеењето на правото и почитувањето на човековите права.
Како реакција на изјавата на германското Министерство за надворешни работи, во која се тврди дека антивладините активисти во Србија се изложени на напади и кампањи за нивна дискредитација, српската страна порача дека очекува сите нејзини партнери, вклучувајќи ја и Германија, да покажат почит кон суверенитетот и демократските институции на земјата.
Во соопштението се подвлекува дека Србија, како кандидат за членство во Европската унија, останува доследна во исполнувањето на своите обврски, но истовремено инсистира на праведен пристап и заемно почитување во сите дискусии на оваа тема.
„Нашата држава е цврсто определена за промовирање на демократските вредности, почитување на принципите на владеење на правото и заштита на човековите права, како темелни определби на нашето општество и патот кон европската иднина. Србија има динамичен политички и медиумски амбиент каде што различни гледишта може слободно да се изразуваат“, се вели во одговорот на српското Министерство за надворешни работи.




