Денеска во Хрватска се одржува нов бран на бојкот против високите цени, овој пат проширен и на пекарите и пекарските производи. Организаторите,меѓу кои се и средношколците кои застанаа зад оваа иницијатива,повикаа граѓаните да се воздржат од купување во продавниците и пекарниците во знак на протест против енормното поскапување на намирниците.
Јосип Келемен, советник на платформата „Ало инспектори“, на денешната прес-конференција нагласи дека бојкотот продолжува бидејќи потрошувачите се решени да го намалат трошењето и да испратат јасна порака против ценовната политика на трговците. Според проценките на платформата, малопродажните синџири досега претрпеле загуби од над 100 милиони евра поради намалената куповна активност.
„Ако увидиме дека потрошувачите почнаа да размислуваат повнимателно,а со тоа и пазарот реагира со акции,попусти и промоции,тогаш јасно е дека сме успеале барем малку да влијаеме. Нашиот глас стана слушнат. Ова не е само краткотраен револт, туку иницијатива за подолго одржливи промени“, изјави Келемен.
Ова е веќе четврти масовен бојкот во знак на револт против поскапувањата во Хрватска, а се забележува дека граѓаните сè повеќе се организираат преку социјалните мрежи. Во меѓувреме, некои трговски синџири започнаа да нудат дополнителни намалувања и акции, со цел да ја задржат потрошувачката, што покажува дека иницијативите како оваа можат да имаат реално влијание врз пазарот.




