Бранителот на Видевски, адвокатот Бојан Манев во изјава за „360 степени“ потврди дека е известен за отповикувањето на рочиштата, а во однос на здравствената состојба на неговиот клиент вели дека сега е малку подобрена, но оти уште е под силни лекарства и на постојана дијализа
Основниот кривичен суд Скопје ќе ги отповика двете следни рочишта од судскиот процес против петмината обвинети за убиствата и грабнувањата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, а кои требаше да се одржат на 7 и на 9 октомври.
Причина за ова е влошената здравствена состојба на обвинетиот Боре Видевски, кој од неделата е хоспитализиран на Клиниката за нефрологија и не може да присуствува на рочиштата.
Пред два дена Универзитетската клиника за нефрологија го известила скопскиот Кривичен суд за состојбата на Видевски.
„ЈЗУ Универзитетска клиника за нефрологија – Скопје на 02.10.2024 година го извести Основниот кривичен суд Скопје, дека притвореникот Б.В., кој е еден од обвинетите во конкретниот предмет, од КПУ Затвор ‘Скопје’ е префрлен и хоспитализиран во наведената клиника заради влошена здравствена состојба. Имајќи го предвид известувањето, а заради економичност и ефикасност на постапката, расправите насрочени за 7 и 9 октомври 2024 година ќе бидат отповикани“,
се вели во соопштението од Основниот кривичен суд Скопје.
Судењето, како што додаваат оттаму ќе продолжи на 14 октомври, за кога е закажано следното рочиште.
Бранителот на Видевски, адвокатот Бојан Манев во изјава за „360 степени“ потврди дека е известен за отповикувањето на рочиштата, а во однос на здравствената состојба на неговиот клиент вели дека сега е малку подобрена, но оти уште е под силни лекарства и на постојана дијализа.
„Малку е подобрена здравствената состојба, во однос на она што беше првично. Сега состојбата нe е животозагрозувачка, но уште е под силни лекарства и уште не може бубрегот да функционира онака како што треба. Постојано е на дијализа. Досега беше двапати, денеска треба и третпат. Според мислењето на лекарите ќе треба да биде подложен на 20 дијализи“,
ни изјави Манев.
Во однос на рочиштата од судскиот процес, адвокатот вели оти останува да се види дали Видевски ќе биде способен да присуствува на следните рочишта.
Тој потврдува дека до Судот доставил барање затворскиот притвор, во кој неговиот клинет се наоѓа од декември лани, по апсењето за убиствата на Вања и Панче, да му биде заменет со болнички.
Досега, како што ни изјави, Кривичен не одговорил на ова негово барање.
Инаку, Видевски беше хоспитализиран на Клиниката за нефрологија во неделата, во неконтактибилна состојба и со речиси откажан бубрег.
Нему, како што изјави неговиот адвокат во понеделникот, во минатото му бил трансплантиран бубрег, а веќе подолго време се жалел на болки.
Тој од затворот „Скопје“ првично бил однесен во Градската болница „8 Септември“, од каде што потоа е транспортиран во Клиничкиот центар каде што веднаш му била извршена дијализа.
Боре Видески, заедно со Велибор Манев, Влатко Кешишов, Љупчо Палевски-Палчо и Александар Ѓорчевски, е обвинет за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Судскиот процес против нив почна на 20 септември и на првото рочиште сите петмина се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за делата кои им се ставаат на товар. Тие и нивните бранители во своите воведни говори наведоа дека наводите во обвинителниот акт се паушални и контрадикторни и дека во текот на судскиот процес ќе го докажат тоа.
Обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска, пак, во својот воведен говор кажа дека Палевски заедно со Манев, Видевски, Кешишев ги испланирале убиствата и ги извршиле на свиреп начин.
Според обвинението, на 22 ноември лани тие во Велес го грабнале Жежовски, кому Палевски му пукал во глава, а потоа му го зеле возилото марка „ситроен“ за да го користат во грабнувањето на 14-годишното девојче во Скопје.
Вања ја грабнале пет дена подоцна, односно на 27 ноември, од влезот на нејзината зграда кога утрото тргнала на училиште. Според обвинителството, информацијата дека девојчето ќе оди само на училиште ја добиле од таткото Александар Ѓорчевски. Обвинетите ја ставиле Вања во вреќа за спиење, а потоа во багажникот на „ситроенот“ на Жежовски и ја однеле во близина на селото Бразда, каде Палевски ја убил, пукајќи ѝ со пиштол во главата. Телото потоа го ставиле во дупка што претходно била ископана.
Секој од обвинетите имал своја улога со претходно и детално планирани дејствија, а улогата на Видевски, според обвинителството, била да помага во онеспособувањето и транспортот на жртвите.