Актуелниот шампион на Италија, тимот на Интер од Милано, минатиот викенд доживеа пораз на домашен терен од Јувентус во рамките на 25. коло на Серија А. Со овој неуспех, Интер ја пропушти шансата да го искористи киксот на Наполи и да се искачи на врвот на табелата. Наполитанците, со 13 натпревари до крајот на сезоната, остануваат лидери со два бода предност.
Поразот од ривалот од Торино предизвика разочарување кај аргентинската ѕвезда и најдобар стрелец на Интер, Лаутаро Мартинез. По завршетокот на натпреварот, камерите го уловија како изразува незадоволство со пцовки. Иако ваквите реакции не се невообичаени во фудбалот, посебно во моменти на голема тензија, многу гледачи во Италија сметаа дека Мартинез употребил исклучително навредлива и забранета пцовка.
Според шпекулациите, се верува дека Мартинез рекол „Porco Dio“, што во буквален превод значи „Бог е свиња“, израз кој се смета за една од најтешките псовки на италијанскиот јазик. Како што пишува football Italia, ваквата пцовка обично носи автоматска суспензија од еден натпревар во Серија А.
Сепак, од страна на лигата било соопштено дека читањето од усни не се смета за доволен доказ за казна, поради што Мартинез нема да биде суспендиран и ќе биде достапен за следниот натпревар на Интер.




