Нигерискиот напаѓач Виктор Осимен (26) ова лето би можел да ја промени својата клупска средина и да се пресели во Манчестер Јунајтед,кој е подготвен да издвои 75 милиони евра за неговите услуги,пренесуваат денеска англиските медиуми. Минатото лето, Осимен беше во центарот на вниманието кога одби да настапува за Наполи, што предизвика бројни шпекулации околу неговата иднина. Иако се поврзуваше со неколку клубови, на крајот заврши на позајмица во Галатасарај.
Оваа натпреварувачка сезона на турските терени и во Лига Европа, Осимен блескаше со 19 постигнати голови и пет асистенции. По завршувањето на сезоната, тој формално треба да се врати во Наполи, бидејќи неговиот договор важи до јуни 2026 година. Сепак, малку е веројатно дека ќе остане во тимот од Неапол. Јунајтед е подготвен да ја исплати сумата од 75 милиони евра, што е и моменталната пазарна вредност на фудбалерот според проценките на Трансфермаркт.
Осимен има јасна желба да игра во клуб кој ќе се натпреварува во Лигата на шампионите. Сепак, моменталната позиција на Манчестер Јунајтед во Премиер лигата, каде што се наоѓаат на 15-тото место и имаат 15 бодови помалку од четвртата позиција што води во елитното европско натпреварување, ја прави оваа цел тешко остварлива.
Според информациите од англиските медиуми, нигерискиот напаѓач бара годишна плата од 12,5 милиони евра. Доколку Манчестер Јунајтед се согласи на вакви финансиски услови, Осимен ќе стане еден од најплатените фудбалери во тимот. Според податоците на Капологија, моментално најплатен играч во клубот е Каземиро со 18,2 милиони евра годишно, втор на листата е Бруно Фернандеш со 15,6 милиони евра, додека Мејсон Маунт заработува 13 милиони евра.




