Дојде ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски и платите почнаа да паѓаат. Платите се намалуваат, а цените остануваат високи и растат. Со вакви погрешни економски политики на Мицкоски стандардот на граѓаните само ќе опаѓа, велат од СДСМ
Христијан Мицкоски денеска повторно излажа, после седум години постојан раст на просечната плата, во јули годинава има пад за речиси 1 000 денари, според официјалните податоци од Државниот завод за статистика, порачаа од СДСМ.
„Тоа се фактите. Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во јули годинава изнесувала 40 961 денар и е за 1 000 денари пониска од јуни кога изнесуваше 41 939 според податоците од Државниот завод за статистика. СДСМ во изминатите години ја зголеми просечната плата до над 41 000 денари. Во времето на ДПМНЕ просечната плата беше на половина, едвај 20 000 денари. Во 2015 година, во времето на ВМРО-ДПМНЕ просечната плата изнесуваше 20 853 денари“,
соопштија од СДСМ.
Во соопштението од опозициската партија се наведува дека платата постојано растеше со СДСМ години наназад, потенцирајќи дека во 2020 година просечната плата беше 28 294 денари, во 2022 година беше 34 364 денари, а во 2024 година достигна над 41 000 денари.
„Тоа е таа разлика. Дојде ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски и платите почнаа да паѓаат. Платите се намалуваат, а цените остануваат високи и растат. Со вакви погрешни економски политики на Мицкоски стандардот на граѓаните само ќе опаѓа“,
велат од СДСМ.
Премиерот Мицкоски претходно изјави дека Државниот завод за статистика со податоците за јули годинава ги побил тезите на поранешната влада на СДСМ и ДУИ дека со нив платите растеле, а со ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема да растат.
„Денеска платата повторно расте со иста динамика, па и забрзано, но инфлацијата е најниска во регионот во месец август, споредено со август минатата година, и таа е на ниво на 2,2 проценти, а од почетокот на годината заклучно до август е помала од 3,5 проценти. Тоа е разликата што платите растат со истата динамика, дури и забрзано, но нивото на инфлација е ниско“,
рече Мицкоски.