Во вторник (14 мај) од 18.30 ч. во галеријата на македонскиот Културно-информативен центар во Софија, Бугарија, на ул. „Обориште“ 7, ќе се одржи промоција на преводот на романот „Сфинга на гневот“ од македонскиот писател Жарко Кујунџиски.
Книгата, во превод на бугарски на Маријан Петров, деновиве излезе од печат како издание на реномираната издавачка куќа „Персеј“ од Софија. Преводот е поддржан од книжевната мрежа „Традуки“. Романот „Сфинга на гневот“, во присуство на авторот Жарко Кујунџиски, ќе го промовираат литературниот критичар и издавач Пламен Тотев и писателот и преведувач Маријан Петров.
За книгата
Лазар е сопственик на издавачка куќа на работ на финансиска катастрофа. Неочекувано го посетува мистериозна млада жена која му подарува древна книга на латински, на чии маргини е испишана дотогаш непозната песна од Константин Миладинов.
Во исто време, во Сплит, Хрватска, исчезнува Марко Ковачки, многу успешен млад писател.
Лазар тргнува да ја открие вистината. Мисијата во која тој ризикува сè ќе го соочи со загатка од историја, митологија, психологија и општествени односи. Лазар верува дека ако ги дешифрира тајните пораки што ги открива, ќе дојде до ракописот на исчезнатиот писател и ќе го спаси од банкрот.
Потрагата го води Лазар низ повеќеслојната историја на Балканот и станува борба за нешто поважно од првичните цели што ги имал.
Движејќи се меѓу границите на мистеријата и литературниот трилер, Кујунџиски создава впечатлив и вешто конструиран роман.
За авторот
Жарко Кујунџиски (Скопје, 1980) е македонски писател, есеист, драматург, поет, филмски критичар и преведувач. Дипломирал во 2003 година, а подоцна и магистрирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
Од 2003 година бил колумнист во повеќе дневни весници, основач и уредник на електронското списание „Репер“, основач на првиот македонски фестивал за европска литература Bookstar, копирајтер во маркетинг-агенција и прес-координатор на Филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ од Битола. Сопственик е на издавачката куќа „Антолог“ од Скопје.
Досега има објавено 13 книги. Негови дела се преведени на англиски, српски, хрватски, словенечки, полски, германски, турски, бугарски, италијански, украински, албански и на други јазици. Застапен е во повеќе антологии на македонската проза и поезија. Неговиот расказ „Кога се губат очилата“ е дел од реномираната антологија The Best European Fiction 2013.
Кујунџиски е добитник на наградите „13 Ноември“, „11 март 1943 година“, „Бели мугри“, „Студентски збор“, како и награди за сценарио и актерска игра на фестивалот „Лица без маски“.
„Сфинга на гневот“ беше номиниран во потесниот избор за наградите „Роман на годината“, „Рациново признание“, „Стале Попов“ и е македонскиот избор за наградата „Балканика“ за 2021 година.
Романот се најде на бестселер листата на Саемот на книгата во Скопје 2020 година и досега е објавен во три изданија и е преведен на албански и бугарски јазик.