Денес, се навршуваат 17 години од смртта на Боре Ангеловски (1944–2009), една од најзначајните и највпечатливи личности во македонската театарска култура. Како глумец, режисер, педагог, преведувач, сценограф и театарски теоретичар, Ангеловски остава длабок печат во нашата уметност.
Роден на 25 февруари 1944 година во Велес, од најмали нозе покажува страст кон сцената. Како дете, организирал претстави и куклен театар во своето маало, а љубовта кон магијата на театарот само се зголемувала со времето.
Во 1959 година, се приклучува на Народниот театар во Велес, каде ги стекнува своите први професионални искуства и соработува со многу од пионерите на македонското глумиште. Во тој период, одиграл повеќе од дваесет улоги и развил интересен за режија, сценографија и театарска педагогија.
Боре Ангеловски е запаметен како иницијатор на театарот на апсурдот во Македонија. Во 1965 година, на сцената во Велес, ја поставува култната претстава „Чекајќи го Годо“ – прва изведба на ова значајно дело во нашата земја. Оваа претстава значеше вистинска револуција во театарскиот живот и го означи почетокот на авангардата во македонскиот театар.
По затворањето на Народниот театар, Ангеловски основа Младинското драмско студио, кое станува центар за нови театарски идеи и експерименти. Под негово водство, се поставуваат бројни дела од современи европски автори, а студиото функционира како школа за млади театарски ентузијасти и лабораторија за нови сценски форми.
Откако во 1973 година го напушта Велес, својата мисија ја продолжува во Скопје, каде во 1974 година го основа Театар „Чекори“. Токму тука неговите идеи добиваат целосна реализација. Со децении, создал претстави кои ги поместуваат границите на традиционалниот театар, воведувајќи нови методи на работа и образувајќи генерации актери и театарски работници.
Неговата работа е неразривно поврзана со делата на Семјуел Бекет, Ежен Јонеско, Хајнер Милер и Едвард Олби, меѓу други значајни автори на модерната драма. Благодарение на Ангеловски, многу од тие дела првпат добија шанс да се изведат на македонска сцена.
Во текот на својата богата кариера, Боре Ангеловски освои многу награди и признанија како актер и режисер. Според нив, се издвојуваат наградите за улогата на Дебелиот бродоломник во „Морската шир“, признанијата за режија и интерпретација во „Чекајќи го Годо“, како и престижната „Златна маска“ за режија на претставата „Од онаа страна на костените“. Во 1989 година добива и признание „Мирко Стефановски“ за посебен придонес во развојот на драмскиот аматеризам во Македонија.
Неговата животна приказна заврши на 14 јуни 2009 година, кога ненадејно почина од срцев удар во родниот Велес. Симболично и трагично, тоа се случи само три дена по неговата последна премиера, во година кога беа одбележани два значајни јубилеја – 35 години од основањето на Театар „Чекори“ и 50 години од неговата непрекината театарска кариера.
И покрај здравствените проблеми со кои се соочуваше во последните години – дијабетес, хернија и белодробни заболувања – Ангеловски никогаш не се оддалечи од сцената. До крајот на својот живот, остана верен на театарот, на кој му го посвети своето цело битие. Затоа, многумина го паметат како човек кој не само што создаваше театар, туку и живееше за него.
Денес, 17 години по неговото заминување, Боре Ангеловски останува значајна фигура во македонската театарска историја – визионер, авангардист и непоколеблив борец за слободата на уметничкиот израз, чие наследство продолжува да инспирира нови генерации творци во театарот.




