Филипче: Прогресивните сили претставуваат последна одбрана против авторитарните режими

На денешната дискусија организирана од Партијата на европски социјалисти (ПЕС) под наслов „Заедно во обликувањето на Европа – Прогресивни гласови од Западен Балкан“, што се одржа во Барселона, претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, укажа дека прогресивните сили преставуваат последната одбрана против авторитарните режими. Тој истакна дека кризата на демократијата започна токму со кризата на социјалдемократијата и прогресивните сили.

„Ова укажува дека социјалдемократијата, во својата суштина, е единствената вистинска опозиција на антидемократските и авторитарните идеологии. Важно е да се напомене дека и покрај тоа што некои колеги од централно-десничарските партии можеби не ја споделуваат нашата борба со иста посветеност“, рече Филипче.

Во својот говор, Филипче нагласи дека одговорноста за справување со новиот бран на авторитаризам лежи во рацете на прогресивците. „Тешката задача за позиционирање против овој нов бран ан авторитарни политички сили во основа е на прогресивците и социјалдемократите. Клучно е да поминеме низ процес на длабока трансформација, како во наративите, така и во политиките и пристапот кон гласачите, за повторно да станеме привлечни во новите политички услови“, истакна Филипче.

Тој дополнително потенцираше дека социјалдемократите мора да понудат јасна визија и конкретни решенија за да одговорат на реалните предизвици со кои се соочуваат граѓаните, особено работниците.

„Треба да ја преиспитаме стратегијата. Наместо да им одржуваме предавања за демократијата, треба да поставиме социјалните и економските прашања во преден план, поврзувајќи ги со нивниот животен стандард и работната средина. Кога ќе ја укажеме важноста на демократијата, ќе создадеме наратив дека само во демократски услови работниците можат да изградат општество на благосостојба. Исто така, мора да се позиционираме против новиот бран на нерегулиран капитализам, маскиран како патриотизам. Овој нов тренд ги заменува неолибералните политики со далеку поопасна форма на техно-феудализам“, рече Филипче.