Највисока казна од пет години и шест месеци денеска му беше изречена на првообвинетиот во случајот, додека еден од обвинетите доби условна казна од две години затвор која нема да се изврши ако во наредните пет години не стори друго кривично дело
Вкупно 33 години затвори добија тринаесеттемина велешани кои беа обвинети дека сексуално злоупотребувале малолетничка.
Основниот кривичен суд Скопје денеска ја објави пресудата со која ги потврди кривичните дела за која се товареа – трговија со малолетно дете, силување и прикажување порнографски материјал на малолетник.
Највисока казна од пет години и шест месеци му беше изречена на првообвинетиот во случајот, двајца добија по четири и пол години затвор, а двајца ќе треба да одлежат затворски казни од четири години.
На петмина од обвинетите судот им одреди казна затвор од една и пол година, додека последниот обвинет доби условна казна од две години затвор која нема да се изврши ако во наредните пет години не стори друго кривично дело.
Инаку, уште на самиот почеток на судскиот процес, пред нешто повеќе од една година, еден обвинет призна вина.
Осудените, судот, исто така, ги задолжи и да ги надоместат судските трошоци, а на првите петмина сега веќе првостепено осудени им определи мерка куќен притвор до правосилноста на постапката.
Пред почетокот на објавувањето на пресудата, обвинетите се негодуваа поради тоа што ќе бидат снимани од медиумите и побараа да излезат надвор.
На нивната реакција, судечкиот совет се повика на решенија добиени од Врховниот суд со кои се дозволува снимањето и оти немаат намера да ги попречуваат снимателите.
Судскиот процес кој започна на 19 септември лани се одвиваше зад затворени врати, односно беше затворен за јавноста на предлог на јавниот обвинител, бидејќи жртвата во случајот е малолетно лице.
Освен изрекувањето на пресудата, нејзиното образложение и денеска беше затворено за јавност.
Адвокатите на обвинетите рекоа дека не се задовилни од пресудата и најавија жалби пред повисоката судска инстанца.
„Ќе ја обжалиме пресудата, одлуката за неа е донесена без докази и се е базирано само на исказите на жртвата“, изјави адвокатот .
Валентин Зафиров
Случајот беше откриен во јавноста во јануари минатата година кога од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија соопштија дека Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отворило истрага против четворица велешани и еден тетовец бидејќи сексуално злоупотребувале малолетничка и изготвувале порнографски материјал.
За првообвинетиот, дваесет и петгодишен велешанец, тогаш беше соопштено дека преку апликацијата „Инстаграм“ започнал комуникација со девојчето кое се уште немало наполнето 14 години, ветувајќи и дека ќе започнат љубовна врска. Но, уште на првата средба ја снимал со телефон и почнал со закани.
„На првата средба бил направен порнографски материјал, кој првоосомничениот го користел како закана за да го присили девојчето да доаѓа и на други средби, заканувајќи се дека доколку не дојде материјалите со интимна содржина ќе ги објави и ќе ги сподели на социјалните мрежи, со што ќе и наштети на нејзината чест и углед“,
беше наведено во соопштението од Обвинителството.
Првоосомничениот потоа ја принудувал малолетната жртва во повеќе наврати да оди во станови што биле наменски изнајмувани на повеќе локации во Велес.
Сето тоа, како што соопштија тогаш од Обвинителството се случувало од крајот на декември 2021 и во текот на 2022 година.
„На средбите присуствувале осомничени и други непознати машки лица, кои прво консумирале наркотична дрога и алкохолни пијалаци, па во таква состојба вршеле полови дејствија врз детето жртва и користеле сексуални услуги, иако знаеле и биле должни да знаат дека малолетното дете е жртва на трговија со луѓе“,
соопштија од Обвинителството.
Случајот првично беше отворен против пет лица, но по неколку месеци, односно во март лани, тој беше проширен на уште десет лица.
Обвинение беше поднесено против 15 лица, но двајца тетовци се спогодија со обвинителството и добија условни казни. На стартот на судењето пак еден од обвинетите ја призна вината и доби три годишна затворска казна.