В петок ќе се состане Советот за безбедност на ОН поради експлозиите во Либан

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, предупреди дека експлозиите на пејџери и воки-токи апарати насочени кон Хезболах укажуваат на „сериозен ризик од драматична ескалација во Либан“

Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) в петок ќе се состане со цел да ја анализира состојбата со експлозиите на пејџери и воки-токи апарати што денеска и вчера се случија во Либан, а се насочени кон милитантната група Хезболах, пренесува Ројтерс.

Фото: EPA-EFE/SARAH YENESEL

Оваа информација ја потврди и словенечкиот амбасадор во ОН, Самуел Жбогар, кој во септември претседава со Советот, посочувајќи дека состанокот е побаран од страна на Алжир во име на арапските држави.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, предупреди дека експлозиите на пејџери и воки-токи апарати насочени кон Хезболах укажуваат на „сериозен ризик од драматична ескалација во Либан“.

„Мора да се направи сѐ за да се избегне таа ескалација“,

рече тој.

Според него, целта да експлодираат сите овие уреди е превентивен напад пред голема воена операција.

Гутереш ги повика сите засегнати актери да покажат максимална воздржаност за да се спречи каква било понатамошна ескалација.

Либанското Министерство за здравство соопшти дека денеска 14 лица се убиени, а 450 се повредени по експлозијата на уреди за комуникација, односно воки-токи апарати, што ги користела групата Хезболах.

Бројот на загинати од завчерашнитее експлозии на пејџери се искачи на 12, меѓу кои и две деца, а речиси 3 000 се повредени.

Израелската војска одби да ги коментира експлозиите.

Според портпаролот на Белата куќа за национална безбедност, Џон Кирби, САД остануваат вклучени во интензивните дипломатски напори за спречување на ескалација на конфликтот меѓу Израел и Хезболах во Либан.

- Реклама -