Охридскиот вински салон „Над Езерото“ ќе се одржува на 24 август во сабота, на Долни Сарај, од 18 часот до полноќ.
Туристичката понуда на Охрид од оваа година ќе биде збогатена со уште една интересна содржина, наменета за хедонистите и љубителите на доброто вино.
На настанот е најавено учество на повеќе од 30 винарии и дестилерии, веќе афирмираните и добро познатите големи винарии, но и мали семејни вински подруми.
Настанот има за цел да ја промовира винската култура, да ги сплоти производителите на вино и да го приближи македонскиот вински идентитет до домашната и странската публика.
Наменет за сите љубители на вино, и претставници на ХОРЕКА секторот, кои ќе имаат можност за дегустација, едукација и размена на контакти. Покрај македонските винарии и дестилерии на настанот ќе земат учество македонските локални производители на храна и претставници на „Slow Food“, а манифестацијата ќе биде збогатена и со забавна програма, со настапот на Агни Авшар квинтетот.
Со купената влезница во износ од илјада денари, сите посетители добиваат можност за неограничена дегустација на вино, вински дестилати и понудената храна, истакнуваат организаторите.