„100 дена владеење на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ е период на изговори, скандали, разочарувања, изневерени ветувања и назадување. Досега немало влада со толку лош почеток на владеењето. Ако денот се познава по утрото, уште полошо ги чека граѓаните и државата со Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Ова е најнеспособната власт од независноста на државата до денес“, велат од опозициската партија
Скандал до скандал ги одбележаа овие 100 дена владеење на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Речиси и да немаше недела да не се случи некој огромен скандал, почнувајќи од подарениот имот на генералниот секретар на Владата вреден 300 илјади евра и сомнежите за корупција, преку долговите од еден милион евра за кои до денес се молчи. Ова е денешната реакција на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) по најавата на премиерот Христијан Мицкоски дека денеска на прес-конференција под слоганот „100 проценти посветени за тебе“ ќе ги презентира резултатите од првите 100 дена од работата на Владата.
„100 дена владеење на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ е период на изговори, скандали, разочарувања, изневерени ветувања и назадување. Досега немало влада со толку лош почеток на владеењето. Ако денот се познава по утрото, уште полошо ги чека граѓаните и државата со Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Ова е најнеспособната власт од независноста на државата до денес“,
велат од СДСМ.
Опозицијата тврди дека власта ги изневери и ги разочара граѓаните, а најмногу што ветувањата пред изборите ги замени со изговори што не може да ги реализира.
„Ветуваа поголеми плати, а просечната плата се намали за 1000 денари. Нема покачување ниту на минималната плата, ниту на платите за наставниците и другите работници. Ветуваа поголеми пензии за 5 000 денари, а не можат да испорачаат ниту половина. Ветуваа намалување на задолжувањето, а го зголемија долгот на граѓаните за над 60 отсто. Им натоварија 500 милиони евра на грбот на граѓаните, сомнителни кинески пари да ги враќаат генерации. Наместо реални мерки за намалување на цените, мачкаат очи загрозувајќи го стандардот на народот“,
се вели во реакцијата од опозициската партија.
Безбедноста на граѓаните е загрозена поради неспособноста на власта на Мицкоски, велат од СДСМ, посочувајќи дека изминатите месеци се случија 10 убиства и обиди за убиства, а расчистено е само едно, со што пукањата на улиците, палењето на автомобилите и дивеењето на криминалците стана секојдневие.
Како примери, од опозицијата ги посочија случаите со нападот на полицаец на скопскиот аеродром од обезбедувањето на Гаши, пропуштањето на сватовите на Гаши, како и самоволието на началниците поставени од ВМРО-ДПМНЕ.
Поради пожарите што дивееја во земјава летово, изгоре 10 отсто од територијата на државата, а причина за тоа, според СДСМ, е неспособноста на првите луѓе во власта на Мицкоски.
СДСМ тврди дека власта ги прекина преговорите со ЕУ.
„Одлуката на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да стави буквално крај на преговорите со ЕУ и да ја дотера земјата во политички ќор-сокак е најголемиот успех на оваа влада во првите 100 дена“,
велат од СДСМ.
Како што велат од опозициската партија, со Мицкоски и ДПМНЕ може само да очекуваме уште повеќе иселување, економска стагнација и целосен застој во развојот на државата.