Жители на селото Галате кои вчера иницираа акција за уредување на просторот околу црквата која беше оштетена од пожар во 2001 година, се пожалија дека полицијата по налог на локалната самоуправа ги попречува во намерата и преку полициска интервенција им врши притисок
По обидот на десетина граѓани да се сретнат со градоначалникот на општина Врапчиште и да добијат објаснување околу прекинот на работите на уредувањето на дворот околу црквата Св. Петка, полицијата привела две лица. Како што информираа од МВР, денеска во 10 часот, од страна на полициски службеници од НККР Гостивар, градежен инспектор од општина Врапчиште и ангажирана геодетска фирма, бил извршен увид на локацијата каде се наоѓа црквата во атарот на с. Галате.
Увидот бил извршен по претходно отворена пријава на 09.09.2024 од страна на инспектор за урбанизам при општина Врапчиште за бесправна градба на оваа локација, а по завршување на увидот, од страна на градежниот инспектор местото било околчено со арматури и трака.
„Околу 15 часот од страна на лицето Д.П., во присуство на неколку граѓани, отстранета е арматурата и траката, по што групата граѓани се упатиле пред општина Врапчиште, каде се одржал мирен протест. Од страна на Д.П. и уште две лица, дел од траката е залепена преку влезната врата на општината, а по извесно време Д.П. со група од околу 10 луѓе влегува во објектот на општината, со цел да бидат примени од страна на градоначалникот Исен Шабани. По извесно време, градоначалникот се согласил да ги прими, но со услов разговорот да не се снима со приватни телефони. Групата граѓани одбиле да го направат тоа и градоначалникот побарал да го напуштат објектот. Откако не го напуштиле, градоначалникот побарал од полициските службеници да го испразнат објектот, по што од страна на полициските службеници при ПС ОН Гостивар на групата граѓани им е дадена наредба да го напуштат објектот на општината, нешто кое Д.П. и уште едно лице одбиле да го направат и пружиле активен отпор на полициските службеници. Двете лица се приведени во просториите на ПС Гостивар и по извршен службен разговор со нив и направена консултација со јавен обвинител, истите се пуштени да си одат“,
информираа од МВР.
Жители на селото Галате кои вчера иницираа акција за уредување на просторот околу црквата која беше оштетена од пожар во 2001 година, се пожалија дека полицијата по налог на локалната самоуправа ги попречува во намерата и преку полициска интервенција им врши притисок. Тензиите продолжија и денеска по што од полицијата апелираа да не се подгреваат меѓуетнички и меѓурелигиски тензии „било на јавен простор или преку социјални медиуми, бидејќи тоа ќе биде предмет на кривично-правен прогон од страна на МВР“.
Црквата Света Петка се наоѓа на магистралниот пат помеѓу Врапчиште и Тополица. Ја користеле мештаните од селото Галате, кое практично е споено со Врапчиште. Изградена била во 90-тите години, но била запалена од страна на припадници на УЧК во воениот конфликт во 2001 година.
Врапчиште е општина со нешто помалку од 20 000 жители. Во неа главно живеат Албанци, но вториот најголем етникум се Турците. 875 жители се Македонци и тие главно живеат во Галате и Зубовце.