Претседателката оценува дека со изборот на Радмила Шекеринска за втор човек на НАТО, Алијансата јасно и отворено ја манифестира свеста и посветеноста за важноста на регионот
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова попладнево во својот кабинет ја прими поранешната вицепремиерка и ексминистерка за одбрана Радмила Шекеринска, за лично да ѝ го честита назначувањето на функцијата заменик-генерална секретарка на НАТО-алијансата.
„Искрени честитки за престижната функција, којашто е не само лично, туку и државно признание, доказ дека единството и консензусот меѓу носителите на највисоките функции се клучот за успехот и афирмацијата на државата“,
порачала претседателката на средбата со новоизбраната заменик-генсек на НАТО.
Сиљановска-Давкова изразила уверување оти со назначувањето на високата функција во НАТО, Шекеринска значајно ќе придонесе во остварувањето во клучните цели на Алијансата – унапредување на колективната безбедност, зајакнување на солидарноста меѓу сојузниците и справување со современите закани.
Претседателката оценува и дека со изборот на Радмила Шекеринска за втор човек на НАТО, Алијансата јасно и отворено ја манифестира свеста и посветеноста за важноста на регионот.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, одлучи да ја назначи македонската поранешна вицепремиерка и министерка за одбрана Радмила Шекеринска за следна заменик-генерална секретарка. По назначувањето, таа порача дека ќе работи на уште побезбедна и посилна Алијанса.