Хана Корнети и Бојан Кривокапиќ се годинешните учесници на Меѓународниот Фестивал на проза Куманово, што ќе се одржи на 30 и 31 мај.
Хана Корнети – автор на збирката раскази „Млечни заби“ (2021, Или-или), неколку раскази објавени на англиски во странски онлајн списанија и две детски пиеси. Се работи за млада, но и наградувана авторка. Нејзиниот расказ „Исчезнувањето на дамата“ е награден на конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“ и ја доби наградата на „Конкурсот за драмски текст“, распишан од Здружението на драматурзи и сценаристи на Р. Македонија и Драмски театар – Скопје со драмскиот текст „Патот на Баба Јага“.
Дипломирала паралелно философија и историја, на тема за кафеџилниците како нехиерархиски простори за социјализација со паралели меѓу Османската и Британската империја. Нејзиниот магистерски труд на културолошки студии во Сабанџи, Истанбул е од областа на социологијата на книжевноста на тема „како се формираат книжевни канони“ преку примерот на лектири за основно и средно образование во Македонија од 1947 до 2018. Исто така, се занимава и со аматерска авторска музика.
Бојан Кривокапиќ – автор од Србија, (1985) ги објавил книгите: “Трчај Лилит, запнуваат демоните”, (Trči Lilit, zapinju demoni, кратки раскази), “Бубашвабиниот лет” (Žoharov let, поезија), “Пролетта за пат се готви” (Proleće se na put sprema, роман) и “Момчешко гнездо” (Gnezdo dečaka, поезија).
Повеќепати е наградуван за книжевното творештво. За романот “Пролетта за пат се готви” во 2018 година ја добива наградата „Мирко Ковач“ за најдобро дело од млад автор во Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Црна Гора. Книжевните текстови му се преведени на италијански, германски, унгарски, албански и англиски јазик. Води работилници за креативно пишување.
Дипломирал на отсекот за компаративна книжевност на Философскиот факултет во Нови Сад. Се занимава и со антрополошки театар во Камерниот театар на музиката Огледало. Живее во Нови Сад и повремено во Дубровник.