Мишел им порачал на Украинците дека ЕУ е нивниот дом и го повторил претходното ветување на официјалните претставници на Унијата дека ќе продолжат да ја поддржуваат Украина се додека е потребно, и воено, финансиски и политички
Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел вчера, на четвртиот самит на Меѓународната Кримска платформа во Киев, изјавил дека Крим е Украина и дека војната на Русија против таа земја не започнала со инвазијата во февруари 2022 година, туку во февруари 2014 година со нападот на Русија врз Крим, соопшти Европскиот совет.
Во своето видео обраќање до присутните, Мишел изјавил дека Европската Унија поддржува праведен мир со Повелбата на Обединетите нации како „стожер на меѓународното право“, поддржувајќи ја мировната формула на украинскиот претседател Володимир Зеленски и нагласил дека ќе продолжи да помага во прибирање на поддршка за тој мировен план.
Мишел им порачал на Украинците дека ЕУ е нивниот дом и го повторил претходното ветување на официјалните претставници на Унијата дека ќе продолжат да ја поддржуваат Украина се додека е потребно, и воено, финансиски и политички.
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, исто така се обратил преку видео порака, потврдувајќи ја цврстата поддршка на Турција за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, со нагласување на трајната поддршка за правата на Кримските Татари, пренесе Радио Слободна Европа.
Кримската платформа е украинска иницијатива за обединување на меѓународните напори за враќање на Крим во состав на Украина.