10.846 Македонци со адреса во Ќустендил нема да можат да гласаат на локалните избори

Над 12 илјади бугарски државјани со двојно државјанство и со адреса регистрирана во Ќустендил, нема да можат да гласаат на локалните избори во општината, бидејќи не го исполнуваат условот за престој во земјата во последните шест месеци, односно да се на територијата на општината во периодот од 26 април годинава па наваму. Истите нема да се најдат ниту во избирачките списоци, кои треба да бидат изработени до 16 септември, пренесуваат бугарските медиуми.

Од оваа бројка, според податоците до 30 август годинава, со Македонци со двојно државјанство и адреса во Ќустендил има 10.846. Од Србија, такви се 1.547 лица.

Веројатно ќе се покаже дека само малку од нив, само поединци, го исполнуваат принципот за 6-месечен престој, вели првиот човек на организациониот оддел на општината – Мирослав Миланов. „Ако има дури и еден, ќе ме зачуди“, коментира тој.

Прочитајте и:  Бојко Борисов ја повлече кандидатурата за премиер на Бугарија: Не сакам веќе да се занимавам со оваа уништена држава

И на досегашните избори само поединци од Македонија оделе во Ќустендил да го искористат правото на глас. Тоа се случило во 2009 година, кога група Македонци со бугарски пасоши, односно двојно државјанство, патувале на екскурзија до Црно Море. Автобусот тогаш сопрел, а Македонците гласале на изборното место во градската поликлиника, велат бугарските административци.

Сепак, токму благодарение на граѓаните со двојно државјанство, населението во општина Ќустендил ја надминува бројката од 75.000, пренесува „БНР“.

Чисто за потсетување, кога пукна скандалот со лажните бугарски државјанства, една од најинтересните информации беше дека илјадници Македонци со двојни државјанства биле регистрирани на адреса на бандера во Благоевград.

- Реклама -