Модерниот човек на себеси гледа како на најсофистицираното суштество што некогаш постоело. Секако, нашите претци измислиле нешта како огнот и тркалото, но затоа ние имаме технологија. Се испоставува дека најголем дел од таа технологија постоел и пред да биде „измислена“, а тоа само нè потсетува колку сме всушност бескорисни…
10. iPod-от
Измислен во 2001 ако сте фан на Епл, или 1997 доколку сте свесни дека поевтини верзии на mp3 плеери постоеле и пред Стив Џобс да реши дека треба да ги слушаме пиратските песни во автобус на нешто што изгеда како вонбрачно дете на Ева од “Wall-E” и калкулатор!
Концептот постои од 1979 кога Кејн Крејмер и Џејмс Кембел дошле до идеја да создадат музички плеер со големина на кутија од цигари. Плеерот крстен – IXI Систем ја складирал музиката во чип и имал копчиња за навигација. Биле направени пет прототипа кои биле претставени пред потенцијалните инвеститори.
Секако, идејата била продадена, тие станале билионери и цел свет слушал песни од АББА кои ги даунлоадирал на Атари машини. Нормално дека не. Главниот проблем кој го имал тој систем бил фактот што капацитетот на складирање музика му бил бедни 3 и пол минути, што било вистински проблем за оние кои сакале да го чујат Џим Морисон со “In a Gadda of Ida”.
Како голем проблем се поставило и прашањето за набавка на музиката. Речиси никој немал компјутер во тоа време, па затоа Крејмер предложил да се постават терминали во музичките продавници, преку кои ќе се купува и симнува музиката. Со оглед на капацитетот на модемите кои ги имале на располагање, купувачите сигурно ќе требало да понесат и шатор и храна, за да преживеат додека да ја добијат својата песна.
9. Автомобилот
Се верува дека е измислен кон крајот на 19 век или почетокот на 20, во зависност од тоа кого прашувате.
Всушност е измислен некаде пред американската револуција од францускиот иноватор Николас Жозеф Куњо. Во време кога најголем дел од луѓето ги наоѓале причините за болестите во урочувања и самовили, Куњо добил одлична идеја – коњска кола без глупавиот и смрдлив коњ. Во 1769 успеал да ја заврши својата кола без коњ, на парен погон. Имала носивост од 4 тони и постигнувала брзина од неверојатни, речиси 4 километри на час!
Зошто никогаш не прочитавме за механизираната војска на Наполеон која просто ја прегази Англија? Едноставно – пронајдокот имал мали проблеми. Тестирајќи го возилото во 1771 година, Куњо загубил контрола и дознал од прва рака какво е чувството да се удриш во ѕид. Можеби звучи смешно со оглед на брзината со која се движел, но сепак, тие автомобиле не биле опремени со воздушни перничиња, ремени или седишта.
Иако се работело за револуционерен пронајдок, сепак, бил бавен, тежок и ужасен за возење. На Куњо му снемало пари за подобрување на пронајдокот и иако француската влада била заинтересирана да го финансира проектот, едно мало востание познато како Француската револуција го спречила напредокот.
Куњот пребегал во Белгија каде што го завршил животот во сиромаштија. Интересен е фактот што кога тој го смислил концептот за автомобилот, на Земјата имало помеѓу 600 и 700 милиони жители – исто колку што денес има автомобили.
8. Топлотен зрак
Во 2007, во насловите во САД се појавија информации дека американската војска измислила незапирливо оружје во борбата против пријатните температури. Испукува зрак кој ја загрева кожата на луѓето пред него до температура од 50 степени целзиусови. Можеби тоа звучи како да е малку, но сепак, целта на ова оружје е да растерува толпи, а не да ги претвора луѓето во купчиња пепел, како во „Војна на световите“.
Се верува дека во 212 година п.н.е. Архимед изградил топлотен зрак за да ги изгори непријателските бродови и да ја спаси Сиракуза. Многумина ја сметаат таа случка за мит, вклучително и „Разбивачите на митови“, но постојат подеднакво умни луѓе кои не се согласуваат.
Доктор Јоанис Сакас, грчки инженер со име на негативец од Стар Трек, во 1973 спровел експерименти со кои докажал дека лудиот обид на Архимед е возможен. Наместо да користи едно џиновско огледало (како што правеле тие што не успеале пред него), Сакас употребил 50 нормални, бронзени огледала со кои ја одбивал сончевата светлина врз малиот дрвен брод и кој успеал да го запали за кусо време.
7. Компјутерот
Се верува дека е измислен околу втората светска војна, од Алан Туринг или Конрад Зус, во зависност од тоа дали ќе го прашате Конрад или Зус.
Всушност е измислен околу 1833 година. Чарлс Бабиџ бил човек кој мразел грешки до толку што направил неверојатно комплексна машина за да го искорени нивното постоење.
Во 1822 Бабиџ предложил да се направи механички калкулатор за пресметување полиноминални функции. Британската влада, поточно оние кои не заспале во текот на презентацијата, му дале голема торба со пари и го испратиле да си работи на раат. 10 години подоцна им станало јасно дека тој никогаш нема да ја заврши машината зашто бил нетолерантен и ги нервирал сите кои се обидувале да му помогнат.
Во тоа време, Чарлс веќе минал на поголеми нешта. Ја погледнал својата идеја и рекол – многу подобро од пресметувач на полиномални функции би била машина која ќе пресметува најразлични математички операции. И така го осмислил аналитичкиот енџин. Потоа се опуштил и почнал да ја игра „Гранд тефт кочија: Манчестер“. Поточно, би го сторил тоа, доколку некогаш успеел да ја заврши машината!
Всушност, Чарлс Бабиџ побарал финансирање од Британската Асоцијација за унапредување на науката, но бил експресно одбиен. Последната верзија од неговата машина што некогаш била конструирана читала програми од картички и имала можност да складира 1000 бројки со по 50 децимали, што грубо пресметано, би било 20,7 Kb. Истата не била довршена кога Бабиџ умрел во 1878 година.
Дополнително, изумот на Бабиџ довел до измислување на ново работно место. Августа Ада Кинг, грофицата од Ловлејс, ја конструирала првата програма за никогаш незавршената машина (програма за Бернулиеви броеви), со тоа станувајќи првиот светски програмер.
6. Подморница
Доколку прашате некого кога се измислени подморниците, веројатно ќе ви каже или за време на првата светска војна или во 1870, кога Жил Верн го предвидел пронаоѓањето на подморниците во неговата книга „20000 милји под морето“.
Првиот опис на подморница (за која не била потребна магија, вештерки или големи количини алкохол) датира уште од 1580 година. Вилијам Бурн бил англискиот анџија кој пронашол начин бродовите да го зголемуваат и намалуваат волуменот за да ја менуваат густината. Но, затоа што Бурн бил само анџија и сакал да дише воздух, светот морал да почека до 1623 за првата подморница да биде направена. Подморницата на Холанѓанецот Корнелиус Дребел ја придвижувале 12 веслачи, а можела да потоне до длабочина од 4 и пол метри.
Затоа што луѓето толку многу сакаат да се тепаат еден со друг, светот не морал да чека повеќе од триесетина години за да ја види и првата воена подморница. Белгијците ја конструирале, веројатно не сакајќи и натаму Ван Дам да остане нивното единствено оружје.
[10 пронајдоци измислени далеку порано одошто се мисли (2. дел) ]