Во градот Икуике (Iquique) на северот на Чиле, лежи 20.000 години стара песочна дина, настаната од крајбрежните ветрови од многу одамна, кога морето било 100 метри повнатре кон копното.
Ја викаат Cerro Dragón (Змејов рид). Долга е 6.4 километри, ширината ѝ варира од 150 до 500 метри, а висока е 320 метри, и е „втора“ најголема песочна дина во светот, веднаш после тие во Сахара.
За среќа на 185.000 и повеќе жители на градот, дината се смета за стабилна и наводно не постои ризик дека може да го поклопи Икуике.
Според Википедија, официјално е прогласена за природен резерват во 2005, во обид да се зачуваат нејзините геолошки карактеристики. Сепак, планот не вродува со плод. Локалните жители ја користат како депонија за ѓубре, а каде што нема ѓубре има параглајдеристи и сендбордери (сноубордери, ама на песок).