Со 200 анестезиолози, 440 медицински сестри и потенцијални 500 респиратори Македонија ќе се бори против коpoнавиpyсот

Изготвен е списокот на лекари, медицински сестри и анестезиолози, кои ќе ротираат каде што ќе биде потребно во однос на бopбата со коpoнавирусот, информираше министерот Филипче на денешната прес-конференција. Како што рече, се работи за близу 440 медицински сестри и 200 анестезиолози од целата држава, кои се или наскоро ќе бидат на располагање и во случај на потреба ќе се вклучат во лекување на болните од Ковид-19 во определните места каде тие ќе бидат стационирани.

Сепак, Филипче изрази надеж дека со оглед на досегашните мерки, до вакво сценарио нема да дојде. Таа надеж ја искажа и во денешното интервју за „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.

„Колку повеќе луѓето се придржуваат до мерките, толку поблаг ќе биде пикот на болеста и полесно здравствениот систем ќе може да го издржи. Тоа е суштината на имплементација и прифаќање на мерките од страна на граѓаните, затоа се нашите чести апели. Ние не можеме да предвидиме колку ќе има пациенти и заболени. Сите мерки се со цел бројот на заболени да биде што помал и да нема пик што здравствениот систем нема да може да го апсорбира. Верувам дека со сите овие мерки што ги правиме, сме спремни – со регрутирањето, со планот за ротација на кадарот, со доволниот број на опрема, со доволниот број на материјали кои се користат – дека нас нема да ни се случи некое сценарио кое нема да можеме да го контролираме“, рече Филипче.

Во интервјуто, тој истакна дека вчера по состанокот во Министерството била донесена одлука и наредба дека сите капацитети мора да бидат на располагање на државата – како на јавното, така и на приватното здравство.

Како што рече, наскоро државата ќе располага со 250 респиратори, со можност од Кина да добие уште 200. Вкупниот број на респиратори во моментов во јавно-здравствените установи ширум земјата е 110 до 115, од кои околу 85 се во Скопје, со тоа што оваа недела завршува постапката и обезбедени се уште 50, а во следните 7 до 10 дена постојат добри изгледи за обезбедување на уште 50 респиратори. Притоа, во приватните институции во моментов има уште близу 80 респиратори, истакна Филипче. Односно: 200 на располагање, уште 50 до крајот на неделава, можност за набавка на уште 50 и уште потенцијални 200 од Кина.

Како што сподели министерот, на неодамна одржаниот заеднички состанок со амбасадорот на НР Кина, тој ја понудил нивната помош, вклучително и помошта на нивните експерти, за што веќе се одржал видео конференциски состанок меѓу нив и нашите експерти од областа на инфектологијата, при што биле разменети многу искуства, прашања, совети… На средбата амбасадорот се заложил и, доколку може, земјава да ги добие споменатите 200 респираторни машини. Одговорот се очекува овие денови, рече Филипче.

Сепак, не е сѐ во машините, како бројка, додаде тој:

„Требаше да ги спремиме и луѓето, заштои не секој знае да ракува со нив. Тоа што веќе се направи е распоред на докторите анестезиолози – тоа се докторите кои знааат да ракуваат со овие машини – тие ќе ротираат во места кои претходно ги одредивме, каде би се третирале овие пациенти. Сепак (пациентите) треба да се централизирани, не може тие да се дисперзирани на повеќе места, зашто на тој начин ќе се парализира и останатиот здравствен систем“.

Прочитајте и:  Филипче по средбата со Сиљановска Давкова: Искрено посакувам ова да биде еден политички дијалог кој ќе стане пракса

„Со цел да спласне притисокот, па дури и се штеди кадарот – зашто знаете, ако во некоја институција се најде некој заразен, тогаш целиот тој персонал оди во изолација – од денеска се значајно редуцирани оперативните интервенции кои се хронични, со цел да се штедат меѓу другите и анестезиолозите, да сте штеди и кадарот, но и крвта (затоа што сега и крводарителските акции се редуцирани), што значи дека тој распоред ни е нас на располагање во даден момент да луѓето интервенираат по потреба само за оваа патологија. Значи нема да има интервенции кои можат да се одложат, тие веќе се одложија, кадарот седи спремен, нема повеќе утрински стручни состаноци, посебно на хируршките клиники – телефонски ќе разговараат и ќе ги прават распоредите за итните интервенции со цел да се редуцира физичкиот контакт меѓу нив“, додаде тој.

Притоа, направен е распоред и на медицински сестри.

„Еден доктор анестезиолог може да биде одговорен за повеќе позиции на пациенти со респираторни машини. Различни критериуми има, тој број варира од 5 до 10 во зависност од капацитетите и организираноста. Меѓутоа и медицинските сестри се битни. Во моментов почнува тренинг на медицински сестри кои треба да работат со пациенти на интензивна нега. Помладите медицински сестри кои беа примени во изминативе две години, сега се веќе ставени во функција да работат со пациенти во обичните одделенија, а тие со повеќе искуство ќе се доедуцираат, бидејќи им треба само мала доедукација, за да работат со овие пациенти.

Сакам да кажам дека не е само инфраструктурата, само опремата како бројка, туку и распоредот треба да се направи уште сега, за да знаеме како да реагираме. Една од одличните придобивки на сето ова во однос на имплементација на мерките од почетокот е всушност координацијата на сите сектори. Знаете, на почетокот е тоа малку предизвик, кој со кого ќе комуницира, кој на кого ќе му се јави, меѓутоа сега точно знаеме. Веќе доволно време помина да кога ќе се јави некој патник или пациент, точно се знае кој кого ќе повика и како ќе се постапи“, истакна Филипче во „Утрински брифинг“.

На пресот, пак, уште еднаш апелираше луѓето да седат дома, да не излегуваат без некоја посебна потреба, но и да се самоорганизираат; на пример, при влегување и пазарење во маркетите да не се создава гyжва. Само така ќе се спречи ширењето, порача министерот.

- Реклама -