25 години Антолог – Trn.mk

Трн: Кој е филтерот што мора да помине за еден наслов да се најде под логото на Антолог? Како каков издавач се профилиравте низ годините?

Жарко: Имаме неколку клучни принципи по кои се раководиме во нашето функционирање:квалитет, актуелност, иновативност, независност. Односно, речиси сè што правиме се трудиме да биде на највисоко ниво, да бидеме соодветни за читателите од сите генерации и припадности, секогаш да сме носители на промените преку креативни идеи и активности и да го сочуваме својот професионален ингегритет. Навистина е тешка задача на мал пазар да се бориш за високи цели а да останеш независен, да се трудиш да бидеш креативен а истовремено да се отвориш за широката публика. Но тоа е нашиот предизвик – од неможното да направиме можно.

Како тоа се одразува на изборот на наслови, сведочи фактот што во „Антолог“ буквално секој може да најде книга за себе. Секојдневно сме во потрага да ги одбереме најинтересните наслови од домашната и од светската книжевност. Тука не мислам само на нешто што носи гарантиран успех, како глобални бестселери што веќе некој друг таму некаде во светот наместо нас ги направил познати, туку многу често ја откриваме и авангардата што допрва ќе дојде. Токму затоа чувствувам како секој ден „Антолог“ да се раѓа одново и мислам дека читателите заслужуваат една таква издавачка куќа која ќе им носи бранови свежина и изненадувања.

Што е она кон тежнеете?

-Луѓето што читаат обично се емпатични, знаат да се соживеат со судбините на другите луѓе онака како што се соживуваат со ликовите за кои читаат. Како издавачи се трудиме да бидеме верен одраз на нашите читатели. Тежнееме да сме куќа која со пристапот кон публиката, со инклузивноста, со принципите за кои се залагаме и со промените кои ги носиме, да го живееме најважното нешто за сите нас – љубовта, без оглед дали е тоа љубовта кон луѓето, книгите, животните, земјата, природата, автентичноста, или што и да е. Сè што сме направиле досега сме го направиле длабоко инспирани од љубовта кон книгите и од одговорноста кон средината.

Трн: Колку години трае приказната за издавачката куќа? Дали, како издавачи имате задоволителен пристап до издавачки програми и проекти кои овозможуваат континуиран доток на книги до вашите читатели? Што работите во моментов?

Жарко: На хартија постоиме 25 години или ако ја превртиме перспективата за да звучи поважно – тоа е четврт век :). 1999 е годината на основање на брендот „Антолог“, но морам да кажам дека вистинската приказна, со сите свои составни елементи и магија, почна да се развива последниве 10-15 години. Тоа значеше целосна реогранизација и подигнување на професионалноста во сите нивоа, што ѝ дадоа една исклучителна интернационална димензија и вредност на издавачката куќа. Затоа, овој јубилеј ќе биде во знакот на класичните дела. Само во март ќе бидат објавени пет наслови од епохални автори како од регионот така и од светот, автори кои извршија огромно влијание на своите книжевни следбеници. Ние од основањето се трудиме најголем простор во нашата издавачка понуда да им отстапиме токму на ваквите дела и драго ни е што публиката тоа го препозна, така што прво нешто по што го асоцира „Антолог“ е квалитетот на продукцијата. Во последните години тоа нè инспирираше да започнеме проект на нови или во некои случаи дури и први преводи на класика. Така што, денес можеме да се пофалиме дека е објавен на македонски голем дел од творештвото на Франц Кафка, Станислав Лем, Меша Селимовиќ, Артур Конан Дојл…

Покрај тоа,моментално се подготвуваме и за саемот на книга, кој годинава ќе се одржи во април, за кога подготвуваме навистина атрактивни содржини.

Трн: Какви книги ти како читател со задоволство читаш?

Жарко: Класици или современи класици се моја главна лектира. Тоа долго време беа белетристички дела од антиката до денес, но во последните години почнаа да ме привлекуваат и некои хибридни жанри. Светлана Алексиевич е најдобар пример за последното, која во своето дело обединува и публицистика и литературна вредност.

Трн: Што мислиш за македонската издавачка сцена?

Жарко: За жал читателската публика ни се ретчи – многу мислечки луѓе ја напуштија Македонија последнава деценија, а за чудо секојдневно се појавуваат нови издавачки куќи, што говори дека имаме повеќе желба за самостојно отколку здружно дејствување. Меѓу сите нас има и помали а профилирани издавачки куќи што целно работат, исто како што има веќе и големи издавачи разгранети со богата продукција и продажни места. Она што ми дава надеж се иницијативите да се настапува колективно во име на заеднички цели и интереси.

Исто така, драго ми е што „Антолог“ минатите децении придонесе со голем број активности за македонското издаваштво. Покрај тоа што честопати јавно истапуваме со наши ставови и предлози за издавачкиот сектор, би ја спомнал книжарницата на тркала која ги посети речиси сите населени места каде што луѓето немаат доволен број на книжарници, првиот фестивал на европска литература BookStar кој донесе нова визија за мобилноста на европските автори, го воведовме како стандард испишувањето на името на преведувачот на насловната корица, ја основавме наградата за најдобар превод во чест на проф. Драги Михајловски, објавивме книжевни преводи за првпат од оригинален дански и од исландски јазик и откривме нови преведувачки имиња, први обезбедивме превод на знаковен јазик на еден книжевен настан во нашата држава, во 2019 година го почнавме првиот книжевен поткаст а во 2020 првиот е-саем на книга, честопати лансираме исклучително креативни маркетинг концепти и идеи, а предминатата година истапивме и со оригиналната агенда за еколошко однесување како издавачка куќа. Многу често, на наше големо задоволство, дел од овие активности беа понатаму препознаени како примери на позитивна пракса и од другите компании.

Трн: Што е за тебе успех на еден наслов? Голем број тиражи, малку но квалитетна читателска публика и позитивна критика или можеби нешто друго?

Жарко: Јас сум човек кој повеќе ужива во продукцијата на нови книги отколку во нивниот пласман и продажба. Би заменил десетици продадени примероци за еден нов наслов на полиците. Кога ќе добиеме најава од печатница дека е готова некоја нова книга ме опфаќа чудна возбуда и сè дури не ја донесат не можам да функционирам вообичаено. За мене лично најважно е едно дело да биде квалитетно изработено – оригинална приказна или одличен превод, внимателен редакциски прочит, впечатлива корица, печат кој нуди долготрајност на книгата, па понатаму и опсежна дистрибуција и презентација што ќе поттикне позитивни рецензии од публиката и критиката. Добро е кога сето сработено ќе донесе и продажба, бидејќи ако не работиме макар со најмала добивка, се губи можноста за следни изданија и развој на компанијата, но сепак тоа не ми ја создава истата радост како мирисот на свежоотпечатните страници.

Трн: Кој беше првиот наслов на Антолог?

Жарко: „Антолог“ е основана како издавачки придонес на Александар Кујунџиски кон домашната сцена и на некој начин како пркос кон тогаш доминантните модели на издаваштво, така што прва книга разбирливо е неговата сатирична збирка „Чисти артисти“. Со над 140 објавени книги-први изданија Александар е еден од најпродуктивните македонски писатели. Неговиот удел е исклучително голем за книжевноста за деца и возрасни, но секако и за издаваштвото. Сепак, како неофицијален нов почеток за „Антолог“ ја сметаме едицијата „Бранови“ со прв превод на Труман Капоти на македонски јазик, по што следеа и дела на Фокнер, Кортесар, Калвино, Олдус Хаксли, Улицкаја, итн. итн. Како што веќе рековме погоре, „Антолог“ како да е предодреден за нови почетоци.

Трн: На кои наслови си особено горд затоа што се под капата на Антолог?

Жарко: Пригодно ќе ги издвојам книгите на Фредрик Бакман, бидејќи е автор што ексклузивно и прилично рано го донесовме за македонскиот читател, пред да стане еден од омилените на светско рамниште, што ретко се случува. Го бирам Бакман и со оглед дека неговите приказни носат насмевка и утеха во многу срца. Секако, горд сум и на објавувањето на многумина други – Алесандро Барико, Маргарет Атвуд, Меша Селимовиќ, Франц Кафка, Ирса, Јуси, Олга Токарчук, списокот може да потрае J, како и на плејада македонски имиња од различни генерации.

Трн: Колку наслови имате досега издадено?

Жарко: Околу 850 од повеќе жанрови. Наши моментални приоритети се: преводната литертура која е и најмногу застапена, домашните писатели кои се трудиме да не заостануваат зад странските, книгите за деца кои ни се особена инспирација а во последно време наша пасија е и она што се нарекува non-fiction.

Трн: Што сака да чита публиката кај нас, кои наслови најдобро поминуваат?

Жарко: Трилерите го држат пиедесталот. Таа возбуда на суспензот, на очекувањето и откривањето „кој е убиецот“ очигледно дека со децении успешно ги возбудува и навлекува читателите. Книгите за самопомош исто така имаат сè поголем пробив, што не ме радува многу, бидејќи заклучуваме дека депресијата, стравот, несигурноста, немањето самодоверба, се болестите на новото време. Прогрес има и со интересот за македонските писатели и тука мислам дека „Антолог“ даде голем придонес и кон нивниот третман и кон привлекување јавно внимание врз нив. Конечно, говорам главно за нашата издавачка куќа, високо горе на списокот и се класиците. Токму затоа решивме 25-те години да ги обележиме со (пре)објавување на Ацо Шопов, Фјодор М. Достоевски, Николај В. Гогољ, Иво Андриќ, Антон П. Чехов, итн.

Трн: Како автор, што е формулата за да напишеш добра книга која ќе помине добро кај нашата публика?

Жарко: Јас сум малце традиционалист за ова и сметам дека хемичарите и математичарите треба добро да баратаат со формули, а не ние писателите :). Во таа смисла ретко кога сум пишувал за да се допаднам на јавноста. Можеби кога сум бил помлад сум напишал по некој расказ или песна за да се докажам пред некоја личност но никогаш не сум пишувал за да привлечам што повеќе читатели околу себе. Она што ме води во пишувањето е истражувањето на книжевни предели што дотогаш не ми биле познати. Мислам дека со ова не сум згрешил, бидејќи речиси сите мои книги доживеале следни тиражи. Романот Spectator, на пример, премиерно објавен во 2003 година досега стигна до осмо издание, веќе е преведен и на англиски и полски јазик, додека книгите од серијалот за Тино од мојот влез стекнаа многу фанови меѓу моите најдраги читатели – децата.

Трн: Колку фестивалите за книги како Букстар се важни за доближувањето на книгата до читателот?

Жарко: Фестивалот BookStar годинава слави десет години јубилеј и во периодот наназад донесе шеесетина европски писатели и уште толку домашни автори во Скопје. Ако кажеме дека на списокот гости или учесници се нашле Славенка Дракулиќ, Михал Вивег, Кадер Абдолах, Слободан Шнајдер, Марчело, Илја Леонард Фајфер, Евгениј Водолазкин, Јуси Алдер-Олсен, Ирса Сигурдардотир, Николо Аманити, Светлана Алексиевич, Игор Штикс, Миљенко Јерговиќ, Наџат ел Хачми, Софи Хана, Стефан Хертманс, Софија Лундберј…. може да констатираме дека тоа се имиња на кој секој светски фестивал би позавидел. Доколку се цени фестивалската понуда на Скопје може да се каже дека буквално прерасна во европска метропола на литературата.

Трн: Ако треба да направиш список на наслови кои го одбележале Антолог низ годините, кој би бил тој?

Жарко: „Неверојатната приказна за чудесната круша“ – бидејќи благодарејќи на Јаков и Јосиф ми стана најчитаната книга на сите времиња.

„Појадок кај Тифани“ од Труман Капоти – бидејќи е прва книга во едицијата „Бранови“ која со над 400 изданија е една од најимпозантните едиции на издавач кај нас.

„Процес“, „Замок“, „Америка“ на Франц Кафка – бидејќи е автор чии дела ме инспирирале и формирале на различни начини.

„Лавр“ од Евгениј Водолазкин – бидејќи е книга во која ултимативно сум уживал како читател.

„Чернобилска молитва“ и „Војната нема женско лице“ од Светлана Алексиевич – бидејќи е повеќе од литература.

Трн: Се доживуваш себеси како издавач, автор или како книжар? Во која улога се чувствуваш најудобно?

Жарко: Тешко е да кажам како што најмногу се доживувам бидејќи самочувството е променлива категорија, но можам со факти да укажам каде имам најдолго искуство. Годинава мислам дека бидуваат 26-27 години од мојот прв објавен расказ и оттогаш со паузи се пројавувам како автор на различни начини и во различни книжевни форми. Како издавач и главен уредник на „Антолог“ работам петнаесеттина години, додека нашата книжарница постои шест-седум години и сè уште е приказна која треба да ја развиваме. Сè на сè ми изгледа дека ниту една од овие професии не даваат човечка удобност во класична смисла. И пишувањето и издаваштвото и книжарството се исклучителни деликатни професии кои бараат големи лични напори и себевложувања за да се дојде до посакуваниот ефект. Она што им е заедничко е што вистинското задоволството се раѓа во моментот на креирање нешто ново, содржина која подоцна ќе доведе до контакт со публиката и со енергијата што само читателите можат да ја вратат назад. Мене ми е драго што како издавачка куќа ги надминавме границите на нашата земја и што станавме препознатливи и ценети и во регионот и во Европа.

Трн: Светот околу нас забрзано се дигитализира, вештачката интелигенција почнува да истиснува разни професии, луѓето сè повеќе користат визуелни платформи за комуникација. Дали книгата во својата традиционална форма станува елитистички медиум, или медиум на маргините на човештвото?

Жарко: Заканата од вештачката интелигенција кон литературата постои од фазата на нејзиното создавање (пишување, илустрирање, дизајнирање) па сè до моментот на читањето кое се потиснува како навика меѓу младите. Но, секој што навреме ќе ја сфати важноста на книгата и ќе ѝ даде предност на оригиналната литература пред други искуствени модели ќе си направи голема услуга. Бидејќи литературата останува еден од ретките егзотични острови за кој не ти треба пасош и кој може да одигра клучна улога во формирањето и развојот на една личност. Бидете сигурни дека и тие луѓе што работат на дигитализацијата или на вештачката интелигенција се луѓе што дотуркале дотаму читајќи и надградувајќи се. Така што, ниту една позитивна лична или колективна промена не се случила без содејство на литературата. Книгата е некој вид оска на цивилизацијата во која јас ги полагам надежите.

- Реклама -