Утре Македонија слави 34 години независност. Три децении и кусур откако на референдумот во 1991 година граѓаните кажаа „Да“ за самостојна и суверена држава, со чиста надеж дека конечно ќе живееме „свое на своето“. И да, живееме – ама понекогаш во чувство дека сме во вечен транзит, како да патуваме со автобус кој постојано тргнува, па застанува, па возачот се менува, ама бензинот никако да стигне за во ЕУ. Прво зачекоривме во Обединетите нации во 1993 година, ама со ѕвездичка и долга фуснота – „поранешна“, „бивша“, „некаков дел“… уште тогаш научивме дека ќе си носиме куфер со име на секоја меѓународна забава. Во 2001 година научивме и дека мултиетничноста не е само збор од буквар, туку и реална политика, кога конфликтот и Рамковниот договор ја испишаа новата лекција на терен. Во 2008 во Букурешт не’ пуштија на врата во НАТО, ама ни рекоа „видете си го името“. Десетина години подоцна, со Преспа и новото име станавме Северна – со свежи надежи и аплаузи од Брисел, ама со уморен народ кој постојано мора да си ја објаснува географијата. Во 2020 конечно станавме членка на НАТО, ама уште седиме на детското столче на големата маса. Европската Унија и натаму останува чекална со вечна зима, каде што сме на ред, ама никогаш не сме први.
Во тие 34 години сменивме власти како што таксистите менуваат радиостаници – секоја пушта иста песна, ама со различен ритам. Едните ветуваа брзи патишта, другите брза правда. На крај и едното и другото излегуваа како автобус до Аеродром – има табла „експрес“, ама застанува на секоја станица. Независноста ни личи на вечен студент: 34 години има, уште живее со родителите (односно кредитите и донациите), и вели „ај уште една година и ќе завршам факултет“. Факултетот, нормално, се вика ЕУ, а испитите секогаш се одложуваат.
Триесет и четири години независност значат и триесет и четири години учење дека државата не е само хартија со печат, туку секојдневна борба за нормалност. Ние сме народ кој знае да пее на плоштад, да навива на трибина и да пцуе во кафана – ама и народ кој, и покрај сè, уште верува дека еден ден возот ќе тргне без да застане на секоја железничка станица. До тогаш – среќен роденден, Македонијо. Изгледаш малку изморено, ама уште држиш ритам.




