4 најпопуларни приказни за крајот на светот во 2012 година (кои се тотална глупост)

Апокалипса Живееме во време во кое голем број луѓе се опседнати со приказните за скорешната апокалипса. Таа требаше да дојде на крајот од 1999 година, потоа некаде во 2002, а ја чекаме и во 2012. Сите овие приказни потекнуваат од различни извори, а овде ќе ги разгледаме четирите најпопуларни наративи за крајот на светот, како и причините зошто тие се тотална глупост.


Живееме во време во кое голем број луѓе се опседнати со приказните за
скорешната апокалипса. Таа требаше да дојде на крајот од 1999 година,
потоа некаде во 2002, а ја чекаме и во 2012. Сите овие приказни
потекнуваат од различни извори, а овде ќе ги разгледаме четирите
најпопуларни наративи за крајот на светот, како и причините зошто тие
се тотална глупост.

Маите4. Според Маите

Маите се веројатно најцитираниот извор за крајот на светот во 2012 годиниа и можеби оние што ја започнаа „заразата“ со апокалиптичните теории. Пред 3000 години, кога тие биле напредна цивилизација и живееле на полуостровот Јукатан во денешно Мексико, Маите создале помеѓу 15 и 20 календари со различни намени. Цолкин календарот бил користен за одредување време за жетва, Хааб ги следел циклусите на Сонцето, а долгорочниот календар одбројувал до последното уништување на… сè!

Долгорочниот календар го одбројува големиот циклус, период од точно 5125,36 години. Научниците го синхронизираа тој календар со грегоријанскиот и излезе оти циклусот за кој станува збор започнал на 13 август, 3114 г.п.н.е. и завршува на 21 декември 2012. Предложениот крај на светот е моментот кога за време на зимскиот солстициум Сонцето ќе се израмни со центарот на нашата галаксија – Млечниот Пат и, според приказните, токму во тој момент, половите на Земјата ќе се дестабилизираат, т.е. ќе се префрлат на други места, што ефективно ќе ги предизвика сите природни несреќи што можат да се замислат.

Кои предвидувања од овој календар (наводно) се исполниле?
Календарите се направени за успешно да го предвидат изгревањето на сонцето секој ден. Покрај тоа, календарот на Маите не предвидел апсолутно ништо.

Зошто ова апокалиптично сценарио е тотална глупост?
Маите одлучиле да прослават Нова Година и оттогаш го започнале својот календар. Крајот на нивниот календар е само крај на календарот, тие самите никогаш не запишале оти на последниот датум завршува светот. А, доколку имале магични моќи да ја предвидуваат иднината, тогаш веројатно ќе смислеле и нешто за да се спасат од конквистадорите.

А што се однесува на онаа брилијантна теорија дека половите на Земјата ќе се изместат зашто Сонцето ќе биде во линија со центарот на галаксијата… па да кажеме вака – таа теорија има подеднаков научен кредибилитет колку и теоријата дека не треба да возите кон зајдисонцето, зашто можно е да се судрите со Сонцето!

И Чинг3. Според И Чинг

Пред да се појават 0500 броевите, Кинезите своите предвидувања ги добивале од еден од своите најстари текстови – И Чинг. Еден човек му поставувал прашање, а лиценциран гатач во воздух ги фрлал трите парички и според бројната вредност што ќе се добиела цртал хексаграм, по што се читал одговорот.

Иницијално, И Чинг немал никаква врска со сценарија за крајот на светот, сè додека еден човек по име Теренс МекКена не направил пресек на сите можни исходи и ги споредил со хронологијата на сите настани од историјата. Се случило неколку важни точки да се поклопат со местата каде што графиконот отстапувал од нормалата. И според овој експеримент, графиконот најмногу се отклонува од нултата точка токму на 21 декември 2012 година.

Кои предвидувања според И Чинг (наводно) се исполниле? Според погоре објаснетиот принцип на МекКена, И Чинг ги предвидел: падот на Римската империја, откривањето на Америка и обете Светски војни.

Зошто ова апокалиптично сценарио е тотална глупост? Здравиот разум ни кажува оти МекКена употребил шаблон кој сам го создал за да направи своја хронологија според која предвидува настани кои веќе се случиле. Во историјата има толку лоши нешта што ќе погодите барем 3-4 доколку хронологијата ја ставите покрај графикон со состојбата на акциите на Дизни од основањето на компанијата до денес.

Самиот пророк не можел да се одлучи што предвидува крајот на неговиот графикон за 2012 година. Прво навестил крај на светот, па инвазија од вонземјани, за потоа да најави почеток на патување низ времето. Колку што знаеме, можеби 2012 година е моментот кога ќе излезе новиот дел од „Бетмен“ кој ќе биде потполно разочарување, а И Чинг послабо се справува со тоа разочарување отколку сите ние.

Хопи Индијанци2. Според Хопи Индијанците

Хопи Индијанците се едно од најстарите племиња во Америка. Живееле во североисточниот дел на денешната држава Аризона, блиску до… апсолутно ништо. Ова племе има фасцинантно богата митологија исполнета со жени-пајаци, мажи-скелети и постојано создавање и уништување на Земјата.

Хопи Индијанците верувале дека постојат повеќе светови. Секој свет почнува како чист, но со тек на време тој станува корумпиран од секс, војни и злоба, по што бидува уништен, луѓето се прочистуваат и сè почнува одново. Според мудроста на ова племе, моментално живееме во четвртиот свет и благодарение на белиот човек и неговата ненаситност, полека се ближиме кон следното прочистување, по што ќе влеземе во петтиот свет. Нормално, некој решил да ја закачи 2012 година на ова предвидување, зашто, не е возможно сите предвидувања да грешат. Или може?

Кои предвидувања според Хопи Индијанците (наводно) се исполниле? Постојат 9 знаци кои укажуваат дека се ближи прочистувањето:
– Белци со пиштоли;
– „Доаѓањето на тркалата што се вртат исполнети со гласови“ – ова може да се однесува на првите американски пионери со нивните запрежни коли или пак на Црнците со Кадилаци со бандажи кои вртат во спротивна насока и басови кои можат да оглуват некој случаен пешак;
– Доаѓањето на добитокот од белиот човек;
– „Земјата ќе биде исшарана со змии од челик“ – железничките пруги;
– „Светот ќе биде прекриен со џиновска мрежа од пајак“ – телефонската мрежа или интернетот;
– Градењето на огромна мрежа од патишта;
– „Морето ќе стане црно и многу живи суштества во него ќе умрат“ – излевањата нафта;
– „Многу бели луѓе кои ја носат косата долга како и моите луѓе, ќе дојдат да живеат со племињата“ – хипиците; и
– „Престојувалиштето на небото ќе падне на Земјата со страотен удар“ – падот на американската вселенска станица Skylab во 1979 година.

Зошто ова апокалиптично сценарио е тотална глупост? Целото предвидување на Хопи Индијанците звучи како историјата на Америка, со акцент ставен на злоделата на белиот човек. Според тоа, ова повеќе изгледа како клетва или план за добра одмазда, отколку како предвидување. Од друга страна, нештата како „земјата ќе биде исшарана со змии од челик“ е прилично импресивно за тоа време… или можеби и не е, со оглед на тоа што ова предвидување првпат беше објавено во 1959 година.

Нострадамус1. Според Нострадамус

Ниеден друг човек во историјата не успеал да предизвика толкав степен на паника и да натера толку многу луѓе да започнат да градат засолништа и во нив да трупаат намирници. Според тоа, заслужено, Нострадамус се наоѓа на првото место на листата.

Во 1982 година, светот доби дополнителна причина да стравува од Нострадамус, кога во Рим беше најдено негово, дотогаш необјавено дело. Во него, неколку пати се повторува еден симбол – тркало со осум шпици. Наводно, ова го означува пресекот на Божествениот крст (составен од аглите на галактичкиот центар и небесниот екватор) и Земниот крст (составен од аглите помеѓу рамнодневниците и солстициумите). Овие два крста се подредуваат еднаш на секои 13 илјади години, а следното такво подредување е во… погодивте – 2012 година!

Дополнително, Нострадамус предвидува дека пред крајот на светот ќе има три затемнувања на Сонцето проследени со затемнување на Месечината, што индицира дека крајот на светот ќе дојде во некој момент помеѓу 1992 и 2012 година.

Кои предвидувања според Нострадамус (наводно) се исполниле? Следбениците на овој Французин кој пишувал под дејство на психотропни супстанци тврдат дека тој успешно ги предвидел: владеењето на Наполеон, подемот на Хитлер,  атомската бомба и атентатот на Кенеди.

Зошто ова апокалиптично сценарио е тотална глупост? Дури и да го тргнеме на страна фактот дека книгата е испишана со три различни ракописи, како и оној дека објавената верзија е препис од толку оштетен ракопис од кој поголемиот дел не може да се дешифрира, пак ни останува сознанието дека секој „предвиден“ настан се случил пред книгата да биде „пронајдена“ во 1982 година. Спорни се и тврдењата оти имало само 4 збирови на еклипси од типот 3+1 во посочениот период за уништување на планетава. Факт е дека постојат преку 20 такви случаи во временската рамка. На крајот од 2007 и почетокот на 2008 година имаше еден ваков случај, но повторно, светот не престана да постои. Зошто? Не прашувајте ја книгата на Нострадамус. Нема да знае да ви каже.

Но, ако сите овие предвидувања се чиста глупост (а повеќе од сигурно е дека се!), тогаш како сите ја имаат годината 2012 како судбоносна година? Виновни се History Channel. Во 2007 година направиле емисија за „изгубената“ книга на Нострадамус и толку ги истенчиле интерпретациите што можело да се направи предвидување за сè од секој збор. Подоцна, едно чудо сајтови на интернет почнале да се полнат со теории за 2012 и крајот на светот и инстантно биле пронајдени безбројни „веродостојни“ извори кои го поткрепуваат фактот дека се ближиме кон крајот.

Доколку ваквите теории ви одат на нерви (а веројатноста за тоа е извонредно голема), најдете сила за да истрпите. Сепак, остануваат помалку од 2 и пол години до моментот кога сите ќе замолчат и ќе почнат да бараат некое ново, сигурно „пророштво“.

Еве ви и една идеја. Обложете се со секој што се обидува да ви продаде приказна за апокалипса во 2012 година, дека ќе ја дочекаме и 2013. Ако загубите, ќе немаат начин како да си го наплатат долгот.

- Реклама -