40-годишната Јасмина, мајка на 10-месечно бебе, е донорот на трансплантираните срце и бубрези

Министерот за здравство Венко Филипче информираше дека утрово се сретнал со семејството на 40-годишната Јасмина, жената-донор чии органи спасија три животи.

„Немам зборови со кои може да ја опишам големината и човечноста на семејството Василковски кои во саботата, во моменти на најголема болка, одлучи да ги донира нејзините органи“, напиша Филипче на Фејсбук.

Тој открива дека починатата била мајка на 10-месечно бебе.

„Јасмина беше мајка на 10 месечно бебе, посветена сопруга, добра сестра и снаа. Василковски се скромни луѓе, нивниот хуман и несебичен гест никогаш нема да го заборавиме. Остануваме поддршка и секогаш сме овде кога ќе треба да им се помогне“, порача министерот.

Срцето на починатата Јасмина во неделата на Клиниката за кардиохирургија беше пресадено кај 39-годишна жена со вродена срцева маана, која подолго време чекала донор. Тоа воедно беше и третата трансплантација на срце извршена во државава.

Истиот ден, бубрезите на Јасмина беа пресадени кај 44-годишен маж и 30-годишна жена на дијализа. Сите три пациенти се чуствуваат добро и се во стабилна состојба.

- Реклама -