63- то издание на меѓународната поетска манифестација „Струшки вечери на поезијата“.

Под мотото „Допир на убавината“, од 22 до 26 август во Струга ќе се одржи 63. издание на меѓународната поетска манифестација „Струшки вечери на поезијата“.

На манифестацијата ќе учествуваат над 25 странски и голем број поети од земјава. Според традицијата, фестивалскиот оган ќе биде запален на свеченото отворање пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, познат и како Дом на поезијата, а фестивалот ќе биде затворен со традиционалното читање „Меридијани“ на Мостот на поезијата, кога ќе бидат врачени и наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“, „Мостови на Струга“ и „Млада Струга“.

Презентирајќи ја годинашната програма, директорот на Националната установа „Струшки вечери на поезијата“, Тодорче Тасевски, посочи дека поетскиот портрет на годинашниот лауреат на „Златниот венец“, францускиот поет Жан Пјер-Симеон, ќе биде на 24 август, во катедралната црква „Света Софија“ во Охрид.

Оваа година во рамките на програмата на фестивалот ќе бидат одбележани и годишнините на двајца наши истакнати поети: 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски и 95 години од раѓањето на Гане Тодоровски. Во рамките на одбележувањето, во соработка со Здружението на слепи лица на Општина Велес, ќе биде издадено специјално издание со Брајово писмо, избор од антологиските песни на Петре М. Андреевски и Гане Тодоровски.

Прочитајте и:  На „Европска поезија во вагоните и станиците на софиското метро“ ќе се чита поезија од Маџиров

Предвидени се портрети на добитничката на наградата „Мостови на Струга“, германската поетеса Катрин Пиц за нејзината дебитантска збирка „Вакви денови имало отсекогаш“, и на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2024 година, кој треба да биде објавен во почетокот на август.

Годинава во рамките на фестивалот ќе биде претставена и добитничката на возобновената награда „Млада Струга“, Филипа Сара Попова, а ќе биде организиран и специјален настан со избрани поети од платформата „Версополис“, проект поддржан од Европската комисија

- Реклама -