Абрамович крена раце од Торес

Деновите на Фернандо Торес како стартен голгетер на Челзи се одбројани откако и големиот газда Роман Абрамович престана да му дава поддршка на своето 50 милиони фунти вредно засилување.

Рускиот милијардер бил главен виновник што Челзи не ангажираше достојна замена за Дидие Дрогба минатото лето, најмногу поради неговото верување дека Торес би можел да блесне доколку не чувствува притисок од присуството на уште еден врвен голгетер на „Стемфорд Бриџ“.

Неколку месеци по стартот на новата сезона, и на Абрамович му стана јасно дека поранешниот голгетер на Ливерпул е промашена инвестиција за Челзи, откако тој не оправда ниту дел од 50-те милиони фунти што беа платени за неговиот трансфер во Лондон.

Со оглед на слабата форма, тешко е да се поверува дека Челзи би можел да си врати и половина од платената сума за Торес, но Абрамович е решен што поскоро да биде доведен нов врвен голгетер во неговиот клуб. Русинот веќе најавил дека ќе го обезбеди потребниот буџет за еден ваков трансфер, а англиските медиуми најавуваат дека Челзи со сите сили ќе тргне по Радамел Фалкао.

Колумбиецот најверојатно ќе стане достапен по завршувањето на сезонава, но „Сините“ се подготвени да чекаат до јули за да го доведат голгетерот што им одржа лекција во Супер-купот на Европа.

Во договорот на Фалкао со Атлетико Мадрид има клаузула што го прави достапен за трансфер за 48 милиони фунти, сума што Челзи ќе ја плати за да се исполни желбата на големиот газда и актуелниот европски првак одново да има врвен стрелец во своите редови. Што се однесува до Торес, тој најверојатно повторно ќе биде преселен на клупата за резерви, доколку во меѓувреме не пристигне некоја интересна понуда за неговите услуги.

- Реклама -