Адеми: Ако Албанците се под 20%, никогаш нема да го признаам пописот

Доколку со пописот излезе дека Албанците се помалку од 20%, поранешниот министер за образование и актуелен пратеник на ДУИ – Арбр Адеми, нема да ги признае резултатите. Ваков категоричен одговор Адеми даде во дебатниот магазин „Клик плус“ на „ТВ21“, каде гостуваше заедно со пратеникот на коалицијата Алијанса за Албанците – Алтернатива – Халил Снопче.

Во еден дел од разговорот, Снопче го праша Адеми:

„Ако Албанците излезат 19%, дали ќе ги прифатиш резултатите од пописот?“

На тоа Адеми одговори со зборовите:

„19%?! Никогаш, никогаш!“

Својот став тој го аргументираше со податокот за запишани ученици во учебната година кога тој беше поставен за министер:

„Како министер за образование да споделам еден податок со вас: Бројот на учениците за учебната година 2017/18-та е 121.272 односно 64.22% Македонци, а 60.709 односно 32.15% Албанци“, истакна Адеми.

И пратеникот Снопче е убеден дека Албанците во Северна Македонија се над 29%:

Прочитајте и:  Влен: Претставници на ДУИ, СДСМ и Пендаровски во март се сретнале во Вила Водно за враќање на Груевски

„Доколку ги земеме податоците од 2002 година… ние можеме да имаме сомнежи, некому можеби нема да му одговара, некој можеби ќе каже дека сме 35-40%… но ако ги земеме податоците од 2002 година и ги анализираме статистички бројките на родени и починати од 2013 до 2019 година, јас ви гарантирам дека не се помалку од 29%, туку над 29%“, истакна тој.

Тој додаде и дека коалицијата Алијанса-Алтернатива нема доверба во Државниот завод за статистика околу спроведувањето на пописот, па ги повика ДУИ сериозно да се позанимаваат да нема никакви „сопки“ во институцијата.

Снопче дури изрази и сомнеж дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат договор да не се донесе законот за попис, направен зад грбот на Албанците, или со негови зборови – „додека ние Албанците спиеме“.

 

 

- Реклама -