Адеми: Двајца пратеници повеќе не се дел од пратеничката група на ДУИ, во мнозинството не се менува ништо

Двајца пратеници од ДУИ ја напуштија пратеничката група на оваа партија во Собранието, потврди денеска координаторот на пратеничката група на ДУИ, Арбр Адеми.

Станува збор за Изет Меџити, кој вчера најави формирање на ново политичко движење и за Мерита Колчи Коџаџику, а ним од претходно им се придружи и Кастриот Реџепи.

На прес – конференција во Собранието, на новинарско прашање за тоа дали од денеска тројца пратеници од ДУИ веќе не се дел од нивната пратеничка група и дали тоа значи дека се распаѓа пратеничката група на оваа партија, Адеми посочи дека станува збор за двајца пратеници, а третиот – Кастриот Реџепи, делувал како независен пратеник и бил на листата на СДСМ, рече тој, изразувајќи жалење што ДУИ за тоа била информирана од медиумите.

„Жалиме што преку медиуми сме информирани дека наши двајца пратеници го избрале овој пат. Тие добро биле третирани од ДУИ, носеле високи позиции и институционална одговорност и имале доверба во ДУИ за да бидат на таа институционална одговорност, така што за причините за нивното самоотстранување од ДУИ треба нив да ги прашате. Но, во мнозинството не се менува ништо, бидејќи без овие пратеници оваа Влада беше изгласана и оваа владина програма беше изгласана. Така што на истите тие бројки што сме биле пред и во моментот на формирањето на оваа Влада, на истите тие бројки сме и сега. Само изразуваме жалење за сето ова што се случува, а за причините треба да се прашаат нашите колеги“, изјави Адеми.

Прочитајте и:  ВРЕДИ: ДУИ ги држеше Албанците како заложници со договори на дело, ние ќе ги решиме сите неправди кон нив

Прашан дали има доволно пратеници во парламентарното мнозинство, тој рече дека тоа е дневнополитичко прашање, бидејќи има, како што рече, опозициски политички партии кои без дилеми и двоумења ќе гласат за европската перспектива.

„Дали некој пратеник ќе биде или нема да биде дел од парламентарното мнозинство, ова прашање, апропо најзначајното стратешко прашање, е минорно“, рече Адеми.

Извор: МИА

- Реклама -