Почнувајќи од оваа година, Саудиска Арабија ќе обезбеди електронски идентификациони нараквици за сите аџии кои ќе отидат на аџилак во Мека. Нараквиците се дизајнирани со една цел – безбедност, и ќе содржат лични податоци и медицински информации.
Според официјалните саудиски новински агенции, овие гаџети ќе им овозможат на властите да ги идентификуваат луѓето и да пружат соодветна грижа ако тоа е потребно. За иницијативата се зборуваше уште минатата недела, но саудиските медиуми го објавија официјалното соопштение вчера.
Нараквиците ќе се воведуваат како одговор на ланските (и претходните) инциденти, кога минатиот септември загинаа околу 2070 аџии во стампедо близу Мека. Според Ројтерс, тоа беше најцрниот биланс на жртви на досегашните аџилаци, од 1990 па наваму.
Покрај безбедносните механизми, нараквиците се и водоотпорни и со вграден GPS. Вклучуваат и детали за тајминзите, како и јазични алатки за тие што не зборуваат арапски.
Со оглед на размерот на настанот – околу 2 милиона аџии одат во Мека секоја година, Саудиска Арабија има тешка задача да се справи со безбедноста. Стампедата се случуваат прилично редовно низ годините: во 2006 загинаа 345 луѓе, годината пред тоа – 244 аџии. Во 1990-та пак, во стампедото што настана во пешачки тунел, загинаа околу 1400 аџии.
Оваа година ќе има и околу 1000 безбедносни камери, сместени околу Големата Џамија во Мека, кои ќе им помогнат на властите во следењето на аџиите. Што се однесува до нараквиците пак, не е јасно какви заштитни мерки ќе бидат воспоставени со цел заштита на личните податоци, како и дали саудиската влада има некакви други планови за собраните податоци и по нивната употреба за потребите на аџилакот.
Многу од муслиманите, како и од немуслиманите, ги обвинуваат Саудијците дека ја претвориле Мека во Дизниленд. Нараквициве несомнено ќе им дадат дополнителна муниција. За волја на вистината, некако подобро звучи Дизниленд, отколку гинење во стампедо на еден од најголемите верски настани во исламот, кој иронично, има за цел духовно прочистување.