Адвoкатот Даути „демантира“ дека го cпacува Груевски: Мое право е, во интерес на клиентот, да барам превод на албански

Адвокатот Мерџан Даути, неодамна назначен за адвокат на една од обвинетите во случајот „ТНТ“ (Елисавета Најдовска) за уривањето на „Космос“ на Фијат Цаноски, во кој обвинет е и Никола Груевски, демантира дека не знае македонски, но потврди дека бара сите материјали од двегодишното судење да му бидат преведени на албански, повикувајќи се на Законот за употреба на јазици. Неодамна „САКАМДАКАЖАМ.мк“ го посочи назначувањето на Даути и неговото барање како „финта“ на експремиерот во бегcтво – Груевски, со цел да му застари делото. Според порталот, преведувањето на сите материјали би одземало повеќе од 6 месеци, период во кој 90 дена ќе нема судење, што значи истото ќе треба да почне отпочеток, што автоматски значи опacност од застарување на делата.

Според Даути, пак, неговото постапување не може неосновано да се „толкува” дека има одредена цел, бидејќи тој како адвокат е обврзан да ги користи сите законски механизми во интерес на најдобра одбрана на клиентот. Во писмо до медиумите, адвокатот Даути, назначен откако претходниот адвокат Димитар Дангов го откажал полномошното, пишува:

„Во врска со одредени информации пласирани во јавноста, а во врска со судскиот процес за предметот ‘ТНТ’, најостро ги демантирам изнесените шпекулации во врска со мојата одбрана како адвокат во предметот, а за наводни ‘финти’ со употребата на албанскиот јазик за да се добие на време во процесот.

Јас како адвокат, а во согласност со прописите за адвокатурата, должен сум секогаш да постапувам во најдобар интерес на клиентот и да го почитувам принципот кој изречно нагласува дека помеѓу адвокатот и клиентот мора да постои однос на доверба. Принципите за дејствување во најдобар интерес на клиентот и принципот на доверба се темелот на адвокатската професија.

Во таа смисла, адвокатот е и обврзан да ги користи сите законски механизми кои ќе му овозможат најдобра одбрана на клиентот и примарно ќе бидат во интерес на клиентот. Оттука, постапувањето на адвокатите не може неосновано да се ‘толкува’ дека има одредена цел бидејќи целта е да се даде професионална одбрана во согласност со законите и со Етичкиот кодекс на адвокатите.

Прочитајте и:  Османи: Секое загрозување на правата на Албанците во С. Македонија ќе наиде на решително противење и единство на Албанците од цел Балкан

Во таа насока е и мојата одбрана на клиентот Елисавета Најдовска во предметот ‘ТНТ’, но и на сите мои досегашни одбрани во судските постапки како адвокат. Точно е дека во овој случај јас поднесоците ги поднесов на македонски јазик и на албански јазик и точно е дека побарав доказните материјали да бидат преведени на албански јазик, но тоа е мое легитимно право во согласност со законодавството, а особено со Законот за употреба на јазиците.

Во членот 9 од овој закон, меѓу другото, се пропишува дека во судските постапки покрај примената на македонскиот јазик се применува и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, односно албанскиот јазик.

И покрај ваквата одредба, која е сосема јасна, јас во дел од постапка на 6.11 2019 година и го употребував македонскиот јазик, со што паѓаат во вода паушалните констатации дека наводно сум рекол дека не сум го говорел македонски јазик.

Фактите за случајот го говорат следново:

На ден 4.11.2019 година доставив поднесок на македонски и на албански јазик, со кој го известив судот за ангажирање на нов бранител на лицето Елисавета Најдовска, со барање за увид во списите на предметот и фотокопирање на истите списи и докази со превод на албански јазик.

За одржувањето на рочиштето побарав симултан превод, но рочиштето се одложи за 19.11.2019 година поради немање услови. Претходно, на ден 6.11.2019 година на расправата говорев на македонски јазик. Следниот ден, на 7.11 2019 година забележав дека нема превод на албански јазик на доказниот материјал, па морав да го напуштам увидот само поради фактот дека доказниот материјал е обемен, но и без превод на албански јазик.

Како и досега, јас и во овој случај јас ќе постапувам во согласност со законите и најдобриот интерес за мојот клиент, а за сите ‘сомневања’ и ‘толкувања’ повторно упатувам на позитивните законски прописи за јазиците, за постапките и за адвокатурата, каде што како темелна вредност е потенциран интересот на клиентот и довербата.

Со почит, Меџан Даути, адвокат од Скопје“.

 

- Реклама -