Агелер: Апсолутно е точно дека од Софија и од други слушнавме многу агресивен јазик

Вистина е дека има многу историја меѓу Македонија и Бугарија, но вистина е и дека има луѓе кои би биле многу среќни да креираат дополнителен хаос заради политички придобивки, креирајќи наративи околу македонскиот јазик и македонскиот идентитет – оцени американската амбасадорка Анџела Прајс Агелер во интервју за МИА, прашана дали „недобрососедството“ на Бугарија (со сите негови аспекти во меѓусебните односи меѓу двете земји и општества) е резултат на некакви геополитички или меѓусоседски проблеми врз основа на историски недоречености, или резултат на децениски аспирации.

„Јас не сум амбасадор во Софија, јас сум амбасадор на САД во Скопје. Всушност, новиот амбасадор во Софија, Кенет Мертен, е мој добар пријател и јас со него сум ималa бројни разговори околу тоа како можеме да работиме заедно за да ги информираме оние со кои комуницираме околу различните прашања и предизвици. Но она што е важно е дека има многу историја меѓу Северна Македонија и Бугарија, и тоа е вистина. Има исто така луѓе кои би биле многу среќни да креираат дополнителен хаос, оние кои имаат политички придобивки од обидите да креираат наративи околу македонскиот јазик, македонскиот идентитет. Во крајна линија, минатото лето беше постигнат договор во поглед на промена на Уставот и тоа е следниот чекор кон членство во ЕУ. Така, според мене, оние кои ги користат тензиите помеѓу двете земји, им прават штета на двете земји, бидејќи Бугарија ќе има придобивки колку и Северна Македонија од членството на Северна Македонија во Европската унија. Тоа ќе им помогне во однос на безбедноста, во однос на нивната економија и во однос на регионалните можности и интеграција“, изјави Агелер за МИА.

Прочитајте и:  Агелер: Црната листа е многу динамична - постојано се разгледуваат имиња и едвај чекаме да додадеме нови

На забелешката дека граѓаните се изморени од ЕУ приказната, но и дека постои реален страв поради односот и пораките од Софија и „алчноста“ во бугарските барања во однос на земјава, Агелер се сложува дека наративот на Бугарија е „агресивен“.

„Мислам дека оние кои продолжуваат со тој наратив, да, апсолутно е точно дека од Софија и од други слушнавме многу агресивен јазик што, искрено, не е заснован на факти за ситуацијата овде во Северна Македонија. Имам голема среќа што сум амбасадор на САД во Северна Македонија и што сум овде во Скопје, и не сум во Софија, но важно е и навистина верувам во ова, дека лидерите и граѓаните, не оние кои се најгласните во моментов, туку народот на оваа земја, а и народот на Бугарија, ги препознава придобивките од тоа да се има сосед, многу близок сосед кој е исто така во Европската унија, со кој можете да ја подобрите вашата трговија, со кого можете да работите заедно на безбедносните прашања, за регионалната интеграција и сите овие активности, што е најголемата придобивка за оваа земја, а според мене, тоа е и во најдобар интерес и на Бугарија и на другите соседи од Западен Балкан“, заклучи Агелер.

Целото интервју за МИА, ТУКА.

- Реклама -