Агелер: Народните избраници да ги направат сите можни измени кои ќе го отворат пристапниот пат кон ЕУ

„Пристапувањето кон ЕУ е од клучно значење за Северна Македонија и ги поттикнуваме народните избраници да постапуваат во интерес на граѓаните и да постапуваат што е можно побрзо и да ги направат сите можни измени кои што ќе го отворат пристапниот пат кон Европската Унија“, порача денеска амбасадорката на САД во земјава, Анџела Прајс Агелер.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со уставните измени, таа рече дека САД го поддржуваат придвижувањето кон евроатланските интеграции, како долгорочна цел за земјава.

„Знаеме дека ова се тешки одлуки, граѓаните досега веќе имаат направено многу тешки одлуки, но ние поддржуваме сè што ќе ви овозможи придвижување кон тој пат“, рече Агелер по заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Прочитајте и:  Агелер: Црната листа е многу динамична - постојано се разгледуваат имиња и едвај чекаме да додадеме нови

До моментов Владата не открива кога ќе донесе одлука за почеток на постапката за менување на Уставот, но за да може истиот да заврши во ноември, потребно е да започне на почетокот на годинава. Двотретинското мнозинство во парламентот неопходно за да бидат изгласани измените и натаму е неизвесно – иако владејачките партии тврдат дека работат на негово обезбедување и, во некои изјави, изразуваат и оптимизам, од македонската опозиција и натаму се категорични дека нема да поддржат отворање на Уставот во овие услови (француски предлог, билатерален протокол со Бугарија).

Извор: МИА

- Реклама -