Агелер: Точно знаеме што направил Анѓушев, на „црната листа“ е ставен не врз основа на сомнеж, туку на цврсти докази

Американската амбасадорка во земјава Анџела Прајс Агелер денеска потенцираше дека поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев на „црната листа“ на САД е ставен не поради „сомнеж“ за корупција, туку врз основа на цврсти докази дека тој бил вмешан во коруптивни активности, и тоа во повеќе случаи.

„Ова не се сомнежи. Ние точно знаеме што направил Анѓушев“, истакна Агелер, јави „Дојче веле“.

Во однос на најавата на Анѓушев дека ќе се жали на одлуката, Агелер рече дека тој тоа веќе го сторил преку свој адвокат во САД, но, посочи амбасадорката, тоа ништо нема да смени.

Агелер го оцени како позитивен чекорот на Владата да предложи закон со кој автоматски ќе се отвора истрага во земјава за секое лице кое ќе се најде на „црната листа“ на САД, како што досега се практикуваше за листите на ЕУ и ОН.

Прочитајте и:  Агелер: Црната листа е многу динамична - постојано се разгледуваат имиња и едвај чекаме да додадеме нови

Агелер повтори дека во земјава има епидемија на корупција и дека е присутна во сите пори на општеството, но посочи и дека е значително зголемена во изминатите десет години. Потсети дека во изминатите 32 години, колку што двете земји имаат меѓусебни односи, САД издвоиле речиси 500 милиони долари за владеење на правото и добро владеење во земјава, а сепак, како што рече, „гледаме епидемија на корупција“.

„Има епидемија на корупција во оваа држава. Таа е во секој сектор, секоја организација, и само со именување на корумпираните актери ние можеме да почнеме да ѝ помагаме на оваа земја да се справи со тоа“, рече Агелер.

Извор: МИА

- Реклама -