Ахмети – Генчовска: Секое доцнење оди на штета на бугарската заедница во земјава

Претседателот на Демократската унија за интеграција – Али Ахмети, остварил средба со министерката за надворешни работи на Бугарија – Теодора Генчовска, информираат од партијата.

Ахмети и Генчовска разговарале за спорот меѓу двете земји, како и за решение кое ќе доведе до зелено светло за почеток на преговорите и одржување на првата меѓувладина конференција на земјава со ЕУ.

Како што се вели во соопштението, Ахмети на средбата изјавил дека секое одложување на решавањето на спорот меѓу Скопје и Софија оди на штета на бугарската заедница во земјава. Тој ги поканил бугарските власти да ја зголемат меѓусебната доверба и да работат заедно за позитивен епилог на билатералниот спор преку стеснување на просторот за дејствување на агенди во земјата и регионот кои не се совпаѓаат со западните определби на државава.

Прочитајте и:  Николоски: Ако сработиме добро со Франција, дипломатски тешкаш за едно попладне во Софија би го решил проблемот

Итното затворање на овој спор ќе биде од корист за бугарската заедница во земјава, регионот и Европа, но секако, притоа „без да се загрози националниот и јазичниот идентитет на нашите сограѓани“, потенцирал Ахмети.

Од ДУИ посочуваат дека решавањето на спорот меѓу двете земји придонесува за мир, безбедност и стабилност во целиот регион, и дека граѓаните веќе очекуваат позитивни резултати за изнаоѓање заеднички јазик во решавањето на спорот бидејќи Европа не е во целосен мир без Западен Балкан.

Ахмети и Генчовска на средбата истакнале и дека е неопходно да се интензивираат трговската и културната размена со цел подобрување на благосостојбата на граѓаните и подоброто меѓусебно познавање, додаваат од ДУИ.

- Реклама -