Ахмети: Нов мандат на Мерко за решавање на еколошките проблеми

Новиот мандат на Рамиз Мерко за градоначалник на Струга ќе значи систематизација и регулирање на целиот отпад, реализирање на секундарната мрежа на гасоводот од Кичево до Струга, како и решавање на проблемот со отпадните води, порача синоќа пред стружани лидерот на ДУИ – Али Ахмети.

Ахмети истакна дека Мерко многу направил за Струга, но дека имаат уште многу работа да завршат.

„Проектите во овој мандат се толку големи. Треба да заврши целото поглавје со отпадните води и регулирање на целиот отпад, на национално ниво. Овој мандат е дел од поглавјето што ја регулира животната средина и се совпаѓа со нашата Зелената агенда за почиста средина и поквалитетен живот. Токму ова е мандатот кога ќе го реализираме Коридорот 8, кој е сон на Албанците, што ги поврзува Скопје-Драч-Приштина“, рече Ахмети.

Мерко исто така ги повика стружани да гласаат за бројот 3, потсетувајќи дека изминатите четири години зад него стојат повеќе од 100 реализирани проекти.

Прочитајте и:  МЖСПП: Аплицирале и добиле проекти и општини кои се водат од градоначалници на ДУИ и Европскиот фронт

„Зад нас се над 100 проекти што го носат нашиот печат. Сведоци сме дека направивме многу голема работа, Струга се смени и доби поубав поглед, станувајќи урбан и модерен град, со главни патишта што го разубавија градот, давајќи му поглед на туристички град“, порача тој.

Носителката на советничката листа на ДУИ – Арбреша Влаши, пак, вети дека ќе ја направат Струга подобро место за живеење и со сигурна иднина.

„Ова е мандат за вистинска промена, за заштита на животната средина, за користење на обновливи ресурси, инклузивна демократија, дигитализација и социјална, образовна, економска поддршка. Заедно можеме да го постигнеме она што другите велат дека е невозможно. Едно подобро место за живеење, посигурна иднина и зелена Струга“, рече Влаши.

- Реклама -