Решавањето на спорот со Бугарија му е еден од најголемите ангажмани на министерот за надворешни работи Бујар Османи, а лидерот на ДУИ – Али Ахмети, е убеден дека тој ангажман ќе даде резултат. Во интервју во „Клик плус“ на „ТВ21“, Ахмети порача дека ова е клучен историски момент за државата:
„Османи е доста активен, очекувам да има резултат. Многу важен момент е за да демонстрира пред сите граѓани, особено пред нашите сограѓани Македонци, дека ги делиме и доброто и лошото, дека ќе стоиме рамо до рамо заедно, и во решавање на овој спор. Ова е клучен историски момент да се види дека оваа земја има министер за надворешни работи и за работата што ја сработи и за зрелоста му честитам“, рече лидерот на интегративците.
Конкретно за спорот со Бугарија, Ахмети потенцираше дека и за двете држави приоритет треба да е иднината, а не минатото.
Истовремено, тој откри дека во изминатиов период имало размена на понуди и документи со Бугарија, поточно дека во моментов се чека реакцијата од Бугарија во однос на една од нив. Не сакаше да открие детали за јавноста, бидејќи, како што рече, „не е време“. Сепак, Ахмети изрази надеж дека до крајот на годинава ќе има добри вести од Софија, во смисла на надминување на спорот.