Ахмети: Уставните измени мора да се направат, а неопходен е и ветинг

Уставните измени мора да се направат бидејќи ни го отвораат патот кон ЕУ, истакна лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на средбите во Тетово со претставници на бизнис секторот, граѓанскиот и образовниот сектор, како и интелектуалци, во рамки на активностите под мотото „Заедно за Европа“.

Ахмети очекува уставните измени да се направат за два-три месеци, но, како што нагласи, тие мора да се случат, бидејќи тоа е во интерес на граѓаните на оваа држава.

„Уставните измени отвораат можност за успешен почеток за отворањето на преговорите и првото поглавје за членство во ЕУ. И овој ден не е далеку бидејќи во ноември ќе се одржи средбата на двете влади, таа на Европа и нашата земја. Но, уставните измени мора да се направат бидејќи тоа е задолжителен респектабилен договор. Ова ќе се случи за два-три месеци, но мора да се случи, бидејќи тоа е во интерес на граѓаните на оваа држава. Тоа е заедничка мисија на сите нас, бидејќи доброто што ќе дојде нема да дојде само за Албанците туку за сите граѓани“, рече Ахмети.

Прочитајте и:  Мицкоски за барањето на Ахмети: Косово да интервенира кај уставните судии кои ДУИ и СДСМ ги избраа? Шокантно

Уште една работа која е неопходна, според лидерот на ДУИ, е ветингот.

„Мора да направиме ветинг, почнувајќи од политичарите, извршната власт, градоначалниците бидејќи тоа е за доброто на државата. Оваа проверка треба да ја направат странски специјалисти, бидејќи кредибилитетот може да се оспори. Потребно ни е проверено судство и политичар за да се има доверба во развојот на процесот“, рече Ахмети.

За една земја, како што посочи, многу се важни два пата, да се тргне по патот на случувањата и политичките процеси, стабилноста и безбедноста.

„Кои беа параметрите што требаше да се имплементираат за да се има трајна безбедност и стабилност? Тоа беше Охридскиот рамковен договор. Без негова имплементација и довршување сигурно ќе недостигаше безбедноста или ќе беше повредена стабилноста. Но, за безбедност и стабилност мораше да се затвори проблемот со грчката страна. Решението на овој проблем ја направи земјата членка на НАТО, рече Ахмети, додавајќи оти со влегувањето во Алијансата и со членството во ЕУ ќе се зголемат и странските инвестиции.

МИА

- Реклама -