Во текот на изминатата година, 355 тони храна завршиле на депонија поради прогласување за небезбедна. Меѓу овие производи се наоѓале месо, млеко, риби, јајца, пијалаци, кондиторски производи и јаткасти плодови. Овие наоди се резултат на инспекциските контроли спроведени од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), како на домашниот пазар, така и на увозните пратки. Вкупната сума на казни изнесува 618.000 евра.
Од АХВ нагласуваат дека инспекциските надзори биле организирани согласно проценката на ризик, при што објектите со повисок ризик биле континуирано контролирани. „Храната – месо и месни производи, млеко и млечни производи, јаткасти плодови, јајца, риба, кондиторски производи, алкохолни и безалкохолни пијалоци во вкупна количина од 355.377 килограми, беше одземена и уништена. Вкупната сумма на изречени парични казни во текот на 2025 година изнесува 618.000 евра во денарска противвредност“, изјави Миланов од АХВ.
Во внатрешниот промет, инспекторите спроведоа 47.200 контроли, при што беа издадени 5.406 решенија и 1.073 прекршочни платни налози. Понатаму, поднесени беа 10 прекршочни и 8 кривични пријави. Спроведени се и 78.016 контроли на увозни и транзитни пратки, кои вклучуваат храна од животинско и неживотинско потекло, како и материјали што доаѓаат во контакт со храна, добиточна храна и живи животни.
„Како небезбедни, уништени беа осум пратки со храна од неживотинско потекло во количина од 69.785 килограми, додека една пратка беше вратена во земјата извозник. Во рамките на овие контроли, исто така, уништени беа три пратки со храна од животинско потекло со вкупна количина од 22.061 килограм. Во исто време, 16 пратки со храна од животинско потекло беа вратени како небезбедни“, додаде Миланов.




