Порталот jugoinfo.mk ексклузивно го објави проектот според кој Горан Пандев ќе гради фантастичен спортски комплекс во склоп на „Академија Пандев“, веднаш до стадионот „Младост“ и салата „Парк“ во Струмица.
Со овој комплекс, што ќе се гради на земјиштето што Пандев лани го купи од државата, Струмица, а и цела Македонија, ќе добие фудбалски центар каков што треба(ше) да имаат сите македонски прволигаши. Но, нивните раководства повеќе сакаа да ги крадат парите, отколку да инвестираат.
Како што објави порталот “jugoinfo.mk“, спортскиот центар „Горан Пандев“ ќе содржи зграда со сместувачки капацитети за младите фудбалери, базени, теретани, ресторан и голем фитнес центар. Комплексот ќе има фудбалски терен со вештачка трева и со трибински простор за 400 седишта.
Идејното решение е направено по урнек на италијанските фудбалски комплекси за подготовка на фудбалери, таканаречена фудбалска база, каде што се нудат сите потребни услови за тренинг и за натпревари. Со ова, Горан Пандев им дава еден одличен пример на сите останати фудбалски работници во Македонија за тоа како треба да се работи и како треба да се вложува во инфраструктурата.
Само на тој начин потоа ќе можат да израснат и да се образуваат нови фудбалски таленти во нашата држава. Очигледно дека „Академија Пандев“ го следи европскиот тренд и можеби спортскиот комплекс во Струмица ќе биде изграден и побрзо од „Куќата на фудбалот“ во Скопје, за која трипати се положуваше камен – темелник.