Ако победи, ВМРО-ДПМНЕ ќе го испита потеклото на имотот на фамилијата Заеви

Зоран Заев јавно да одговори дали може да го докаже сопствениот капитал и капиталот на неговото семејство, побара вчера од Демир Капија потпретседателот и носител на листа на ВМРО-ДПМНЕ во изборната единица 4 – Александар Николоски, најавувајќи дека во нивната програма „Обнова за Македонија“ предвидено е и испитување на потеклото на сите политичари во Македонија, но и на сите вршители на јавни функции во Македонија за, како што рече, „да видиме кој, како и зошто се стекнал со енормни богатства во изминатите 30 години“:

„На 15 јули ни е потребна победа за да можеме да го реализираме нашиот план и проект кој што е дел од нашата програма за испитување на потеклото на сите политичари во Македонија, но и на сите вршители на јавни функции во Македонија за да видиме кој, како и зошто се стекнал со енормни богатства во изминатите 30 години.

Од тука од Демир Капија, јавно го прашувам Зоран Заев, кој што вчера во напад на паника поради добрата атмосфера во четвртата изборна единица почна да се заканува, дали е спремен јавно да каже дека може да потврди како тој и неговото семејство го стекнале капиталот и дали е сигурен дека со реализацијата на законот кој што ќе го воведе ВМРО-ДПМНЕ за проверка на потекло на капитал, неговиот капитал ќе биде чист. Еве, од тука јавно го повикувам да одговори дали може да го докаже потеклото на сопствениот капитал и капиталот на неговото семејство“, рече Николоски.

Во овој контекст, и Мицкоски, од Кавадарци, порача дека уште во првите месеци од доаѓање на ВМРО-ДПМНЕ на власт, секаде каде што има основа за сторени криминал и корупција – ќе се одговара. Правда и почитување на законите мора да има, истакна тој.

Николоски, пак, повика на масовна поддршка од страна на граѓаните за убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ:

„Потребно е ВМРО-ДПМНЕ да добие убедлива поддршка, не е доволно само да се победи. Треба да победиме убедливо, треба да победиме многу. Потребно ни е да допрете до секој еден кој што го познавате и да го замолите да излезе на 15 јули – да победиме со голема разлика и да имаме стабилно мнозинство во Парламентот, за да не е под уцена ВМРО-ДПМНЕ. А ако не е под уцена ВМРО-ДПМНЕ, нема да е под уцена и Македонија“, рече Николоски.

Прочитајте и:  СДСМ: Новата сила и енергијата на Конгресот ја вознемири ДПМНЕ

Победата на 15 јули е потребна, истакна, пред сѐ за да се стави крај на националното понижување, за повеќе достоинство за земјоделците, за повисоки пензии за пензионерите, за повисоки плати за работниците и за младите да остануваат дома а не да ја бараат својата иднина во Швајцарија, Германија и другите земји на Запад.

Николоски зборуваше и за, како што рече, сериозниот план на ВМРО-ДПМНЕ во делот на земјоделието, кој е дел од програмата „Обнова за Македонија“, а кој ќе го врати достоинството на земјоделците, меѓу другото и преку борба против „зелената мафија“:

„Имаме сериозен план во делот на земјоделието. План кој што треба да го врати достоинството кај земјоделците. Стимулирање на мали и средни претпријатија да вршат откуп со цел да зададеме удар на зелената мафија која што сега е концентрирана само во неколку луѓе кои што им ја одредуваат судбината на луѓето, им ја одредуваат цената, и им ја јадат маката. Формирање на револвинг фонд кој што ќе ги помага овие мали и средни претпријатија да можат да дадат праведна цена и навремено да исплаќаат она што се нарекува труд и мака на земјоделецот. Понатаму поддршка со 50 проценти за нови насади, обновување на постојни насади, земјоделска механизација како и формирање на земјоделски стопанства. Ќе ги помагаме и младите земјоделци оние кои што сакаат да останат тука и да работата со бенефиции кои што ќе се насочат кон даночни олеснувања“, рече Николоски.

- Реклама -