Американскиот актер Џејмс Ерл Џоунс, кој публиката најмногу го памети по гласот на негативецот Дарт Вејдер од франшизата „Ѕвездени војни“ („Star Wars“), почина во понеделникот на 94-годишна возраст, потврди неговиот агент.
Џоунс долго време боледувал од дијабетес и починал во својот дом опкружен со членови на семејството, изјави неговиот агент Бери Мекферсон. Причината за смртта не е соопштена.
Познатиот американски актер ќе остане запаметен по неговиот специфичен длабок глас кој предизвикуваше чувство на почит кај гледачот, како што беше случајот со „Кралот лав“ каде го позајми гласот на таткото Муфаса, но и чувство на страв како гореспоменатиот Дарт Вејдер од „Ѕвездени војни“.
„Ми се допаѓа да бидам дел од целиот тој мит, целиот тој култ“, одговори Џоuнс еднаш на прашањето од репортер на BBC дали му пречи да биде поврзан со Дарт Вејдер. Тој рече дека е среќен кога може да ги задоволи обожавателите кои сакаат да го слушнат како ја кажува познатата реплика „Лук, јас сум твојот татко“.
Од улогата на Дарт Вејдер, односно од позајмувањето на гласот, Џоuнс за првиот филм заработи 9.000 долари. Сепак, тој не побара неговото име да биде наведено во одјавната шпица за првите два филма, бидејќи гледаше на снимањето на неговиот глас како додавање специјални ефекти на филмот.
Во својата кариера, освои многу награди, меѓу кои две Еми во 1991 година и Греми за најдобар говорен албум во 1977 година. Тој беше номиниран за Оскар во категоријата најдобар актер за улогата во филмот „The Great White Hope”, а во 2011 година доби и почесен Оскар.
Својата филмска кариера ја започна играјќи го поручникот Лутер Зог во класиката на Стенли Кјубрик од 1964 година „Д-р Стрејнџелав, или: Како научив да престанам да се грижам и да ја сакам бомбата“. Меѓу другите филмски улоги, се издвојуваат оние на романописецот Теренс Ман во „Field of Dreams” од 1989 година и на свештеникот Стивен Кумал во „Cry, the Beloved Country“ од 1995 година.
Џејмс Ерл Џоунс е роден на 17 јануари 1931 година во Мисисипи, во семејство со мешано етничко потекло. Неговиот татко, Роберт Ерл Џоунс, го напуштил семејството набргу по раѓањето на Џејмс, а тој бил одгледан од бабата и дедото по мајка. Иако му било забрането да се гледа со својот татко, Џејмс го запознал откако се преселил во Њујорк во 1950-те, па дури настапувале заедно во неколку претстави.
Како дете имал проблеми со пелтечењето, поради што одбивал да зборува, но благодарение на професорката по англиски јазик во средно училиште, научил да го контролира пелтечењето и се заинтересирал за глума. Откако студирал драмски уметности на Универзитетот во Мичиген, тој заминал во Њујорк каде што бил познат по неговите театарски претстави.
Меѓу нив се издвојува улогата на црниот боксерски шампион во тешка категорија Џек Џонсон во претставата „Големата бела надеж“, која зборува за расизмот низ објективот на светот на боксот. Исто така, Џонс се истакна во изведбите на ликовите на Шекспир како Хамлет, Магбет, кралот Лир и Отело.