Во Австрија потврден е случај на бебешка храна во која е пронајден отров за глувци. По ова, полицијата издаде итно предупредување до граѓаните и започна обемна истрага, јавуваат локалните медиуми, вклучувајќи и „Сегодня“. Случајот се однесува на тегла од бебешка храна со вкус на „морков и компир“ од 190 грама, која била пријавена од купувач во покраината Бургенланд. На среќа, производот не е консумиран, а лабораториските тестови потврдиле присуство на токсична супстанца.
Овој инцидент е поврзан со поширока истрага за уцена на производителот, при што слични сомнителни производи биле пронајдени и во Германија, Чешка и Словачка. Полицијата укажува на тоа дека контаминираните тегли можат да се препознаат по неколку карактеристики: бела налепница со црвен круг на дното, оштетен или веќе отворен капак без вакуумски „клик“, како и невообичаен или расипан мирис.
Надлежните апелираат до родителите и старателите да бидат исклучително внимателни и да не ги користат ваквите производи доколку забележат било каква неправилност. Препораките се теглите да не се отвораат, да се чуваат одвоено и да се користат заштитни ракавици при ракување. Во меѓувреме, трговските синџири во Австрија превентивно ги повлекоа сите производи од оваа линија од продажба, со можност за враќање и рефундација без потреба од фискална сметка.




