Али Ахмети: Изборите се решение

Денеска во седиштето на ДУИ во Тетово, претседателот на партијата Али Ахмети го примил турскиот амбасадор  Фатих Улусој.

Како што соопштија од ДУИ, тие двајцата разговарале за многу прашања за земјата и регионот, како што се евроинтеграциите, билатералните односи меѓу двете земји, стратешкото партнерство со Турција, како и „легитимитетот и ситуацијата во Северна Македонија“.

Ахмети го информирал Улусој дека ДУИ воопшто не се колеба во заложбите за интегрирање на земјата во Европската унија и дека партијата ќе продолжи да дејствува за реализација на оваа цел. Ахмети додал и дека се посветени на градење стратешко партнерство со Турција, која безрезервно ја поддржа земјава за членство во НАТО и во Европската Унија.

Прочитајте и:  Меџити: И јас тврдам дека немаме закон за албанскиот јазик, ДУИ се хистерични

Што се однесува до „Владата без етнички легитимитет која ги исклучи етничките претставници“, како што се наведува во соопштението, Ахмети нагласил дека „веднаш мора да престане непочитувањето на Охридскиот договор и омаловажувањето на заедниците во земјава“.

„ДУИ смета дека најдобро решение за состојбата со тензичните меѓуетнички и меѓусоседски односи, како и европската безперспективност, се заедничките парламентарни и локални избори во октомври 2025 година.

Затоа, го прифативме јавниот предизвик на г. Мицковски и ја поздравуваме подготвеноста на другите опозициски партии да се соочат со заеднички избори следната година“, додаваат од партијата.

- Реклама -