Алијанса и Алтернатива: Албанците во Македонија не се подготвени за нова Југославија, со вакцини нема да ги придобиете нивните срца

„Денес, кога вест на денот е дека Република Србија ги донирала првите вакцини за Република Македонија и кога е крената на нозе целата српска држава, а секако и нашата, за примопредавање на една мала кутија вакцини, кои не се доволни ни за кабинетот на Заев и на неговиот партнер Ахмети, поважно од количеството на вакцините е симболиката на донаторот“, се вели во реакцијата на Коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива, откако вчера на Табановце српскиот претседател Александар Вучиќ лично на премиерот Зоран Заев му ја предаде кутијата со 4.680 од најавените 8.000 вакцини на Фајзер кои Србија ни ги отстапи од своите залихи.

Од Алијанса и Алтернатива, пак, се загрижени дека свртувањето кон Вучиќ претставува загрозување на европската иднина на земјава и најава за застранување од стремежот кон ЕУ. Тие порачуваат, меѓутоа, дека Албанците не се подготвени за никакви компромиси по однос на прашањето за целосна интеграција во ЕУ:

„Доаѓањето на српскиот претседател Вучиќ и медиумската прашина што се крена во Табановце, дава порака дека ‘вашиот голем брат не ве остава сами’. И, тоа не е проблем за Заев, бидејќи тој и така води една партија која е наследничка на југославизмот, но индикативно е што, од една страна, за пречекот на Вучиќ се погрижил и заменик-премиерот Артан Груби, но и премолчувањето на овој настан од партијата што само пред неколку месеци ќе претрпеше срцев удар од удирање по градите со ‘време е за прв премиер Албанец’.

Дали пречекот на Груби и премолчувањето на ДУИ значи согласност на братство-единството Заев-Вучиќ и дали е ова израз на рана љубов, како таа на актуелниот министер за Финансии со воените старешини на Србија?

За коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива целта на Вучиќ за улогата на патрон на Балканот е јасна, но ова – освен што докажува дека владата ги оставила граѓаните без вакцини – истовремено е доказ за отсуството на моќ на оваа влада за градење на западно партнерство во интеграционите и здравствените политики“, оценуваат од коалицијата.

„Како и да е, ние ѝ порачуваме на оваа влада, дека тие може да го сонуваат Вучиќ, дури Фатмир Бесими може да продолжи да се гледа со српските генерали кои вршеле злосторства во Косово, но да знаете дека Албанците во Македонија не се подготвени за прифаќање на една нова Југославија. Ако вие мислите дека со вакцини може да ги придобиете срцата на граѓаните Албанци, не заборавајте дека сте ја продале многу евтино вашата душа и сте ја загрозиле европската иднина на оваа земја. Притоа уште еднаш потенцираме дека Албанците во Македонија се определени за целосна интеграција во ЕУ и не се подготвени за никаков компромис со тој стремеж“, се вели во реакцијата.

- Реклама -