Претставата „Ало! Ало!“ во режија на Синиша Евтимов на Театар „Комедија“, ќе биде изведена вечерва во 20 часот на сцената на Центарот за култура „Марко Цепенков“, како дел од програмата на МТФ „Војдан Чернодрински“.
Улогите во претставата ги толкуваат: Атанас Атанасовски, Жаклина Петровска, Валентин Костадиновски, Асен Алберто, Сергеј Димоски, Тони Денковски, Виктор Арсов, Јаков Спасов, Столе Мицов, Илија Илиоски, Наталија Теодосиева, Маја Љутков, Елена Кузманов, Григор Јовановски и Стефан Николовски.
„Ало! Ало!“ е духовита пародија на историските случувања и на човековите слабости во обидот да се сочува главата во налетот на насилството. Дејството е сместено во скопската кафеана „Кај Јорго“, во окупираното Скопје за време на Втората светска војна. „Кај Јорго“ е сврталиште на високите претставници на фашистичкиот окупатор во Скопје и на членовите на Отпорот, а сопственикот на кафеаната, Јорго, се труди да ги „менаџира“ односите со двете страни и да се одржи жив среде војната. Но, неретко се заплеткува во компромитирачки ситуации, обидувајќи се да ги балансира барањата на Отпорот и на фашистичките чиновници, што резултира со напнати и комични расплети. Хуморот во претставата го формираат многубројни зборовни игри, двосмислености, каламбури, јазични сплетки и сатиризирање на различни стереотипи и клишеа поврзани со минатото, но и со сегашноста во Македонија.
Поради големиот интерес кој владее кај прилепската публика за претставата, картите беа распродадени една недела пред да започне фестивалот.
Во 22 часот на својата матична сцена ќе биде изведена претставата „Дупло дно“ од Горан Стефановски, во режија на Наташа Поплавска. Играат: Катерина Чакмакоска-Клинческа (Кристина), Даниела Иваноска (Параскева), Димитар Ѓорѓиевски (Божо), Игор Трпчески (Јаков), Зоран Иваноски (Лудакот) и Михајло Миленкоски (Нове).
На полноќ на сцената 105 во Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе гостува Театар „Златен Елец“ со претставата „Кенди“. Улогите ги толкуваат Бобан Алексоски и Лео Поповиќ.
Во рамките на денешната програма на фестивалот во 11 часот ќе биде промовирана монографијата посветена на 75 години Кумановски театар. Веднаш потоа ќе следува тркалезна маса со екипата на претставата „На дното“ во режија на Ќендрим Ријани. На фестивалот во тек е работилницата за млади новинари што ја реализира порталот Умно.мк. Низ програмата на фестивалот младите ентузијасти учат како да известуваат од театарски фестивал. Исто така, со младите работеше и Александар Ношпал на тема костимографија.
Екипата на Струмичкиот театар на тркалезна маса разговараше со публиката за својата претстава „Црна дупка“ во режија на Љупчо Ѓоргиевски. Сите се согласија дека Горан Стефановски е неисцрпна тема и дека треба одново и одново да му се навраќаме.
Во придружнаа програма на фестивалот беа промовирани и нови драми од мрежата „Еуродрам“. Иван Додовски им ги врачи наградите на драматурзите Ана Ристоска Трпеноска и Ева Камчевска.
На четвртиот фестивалски ден гостуваа екипите „На дното“ и „Домот на куклата“ на Турскиот театар. Прилепската публика до последно столче ги исполни гледалиштата за овие претстави.
Покровители на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“ се: Министерството за култура и Општина Прилеп. Спонзори на фестивалот се: Пакомак, Витаминка, Прилепска пиварница. Пријатели на фестивалот се: Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп, Градската библиотека „Борка Талески“ – Прилеп, Театар за сите, Самоглас, Умно.мк, Јавен простор – Прилеп, Гледај.мк, Театроск, Факултет за драмски уметности, Донирај компјутер, Урбан ера.
Пријатели на фестивалот се: Бит крафт, Карé и Смарт Ливинг, Македонија осигурување, Крин производство Прилеп, Аура, Клуб Калинка, Кафе-бар Тротоар, Кафе бар Чоше, Кафе бар Лувр, Брос бургерс, Монарка гастробар, пекара Алекс, Национален ресторан „Македонска куќа“, Центарот за современа ликовна уметност – Прилеп, Такси 5, Лусио Стор, Уан бајт и хотелите Кристал Палас, Атлас и Салида.
Медиумски покровители се Македонската радио-телевизија и Трн.мк.