Амбасадите на САД и Украина во Белград ја осудија посетата на Вулин на Москва

Амбасадите на Украина и на САД во Белград во одделни соопштенија го критикуваа учеството на директорот на Безбедносно-информативната агенција (БИА) на Србија, Александар Вулин, на меѓународната безбедносна конференција во Москва, јави дописникот на МИА од Белград.

Амбасадата на Украина посочи дека Србија и Украина се стремат кон членство во ЕУ и дека во врска со тоа Србија треба да воведе санкции кон Русија, наведува РСЕ.

„Сметаме на фактот дека земјата кандидат за членство во ЕУ ќе се приклучи на заедничката европска политика кон државата агресор, Руската Федерација“, соопшти Амбасадата на Украина.

Амбасадорот на САД во Србија, Кристофер Хил, во писмена изјава за РСЕ изјави дека „никој не треба да ѝ дава легитимитет на руската акција со соработка со Кремљ како да е сè во ред“.

Прочитајте и:  Рускиот напад со интерконтинентална ракета ги подигна полските борбени авиони

„Руската агресија против нејзиниот мирен сосед Украина е незаконска и неразумна. Владимир Путин ја започна оваа брутална војна. Тој може и треба веднаш да стави крај и да ја запре смртта и уништувањето што ги предизвикува неговата војна“, рече Хил.

Американскиот сенатор Крис Марфи, за посетата на шефот Вулин на Москва, изјави дека Русија деновиве бара пријатели, но дека не смета дека е политичко и морално да се поддржи режимот на Владимир Путин.

Руските државни медиуми на 24 мај објавија дека директорот на БИА, Александар Вулин, учествува како претставник на Србија на меѓународната безбедносна конференција во Москва.

Официјални информации за неговото учество на таа конференција не беа објавени на веб-страниците на официјалните институции во Србија.

МИА

- Реклама -