Амбасадорот на САД во БиХ: Русија не е воена закана за Балканот, но сака нестабилен регион

Американскиот амбасадор во Босна и Херцеговина – Мајкл Марфи, оцени дека Русија во моментов нема планови да ја загрози стабилноста на Западен Балкан со нешто како воена интервенција, но сепак претставува закана која треба сериозно да се третира.

Во интервју за Ал Џезира Балкан, Марфи рече дека е јасно дека Русија ги поддржува екстремистичките десничарски групи во регионот кои шират етничка омраза и ги зголемуваат тензиите, а сето тоа е дел од сценариото во кое рускиот претседател Владимир Путин се обидува да ја уништи безбедносната архитектура во Европа.

Знаеме дека Русија финансираше некои политичари (од регионот), вклучително и оние од Босна и Херцеговина, рече американскиот амбасадор, додавајќи дека сите мора да бидат внимателни и подготвени да се спротивстават на малигното руско влијание.

САД, како што појасни амбасадорот, тоа го прават со предупредување за сè што се обидува Русија и во исто време прават сè за да помогнат во напредокот на Босна и Херцеговина на патот кон евроатлантските интеграции, што е гаранција за постојана стабилност.

Како „налудничав“ го опиша односот кон Русија на лидерот на босанските Срби – Милорад Додик, кој минатата недела беше во Москва и таму се сретна со Путин, отворено бранејќи ја руската агресија во Украина.

Прочитајте и:  Макрон го повика Путин да се вразуми, а Кина да го притисне за деескалација... потегот на Бајден го смета за „добра одлука“

„Тоа може да има смисла лично за Додик, но не и за луѓето за кои тврди дека ги претставува“, рече Марфи, додавајќи дека е јасно дека народот на Босна и Херцеговина сака иднина во Европа и дека таа води преку Брисел, а не преку Москва.

Од гледна точка на САД, како што појасни амбасадорот, проблем се и аспирациите на Кина кон Западен Балкан, бидејќи и Пекинг се обидува да го искористи феноменот на корупција и внатрешните недоразбирања во земјите од тој регион како алатка за преобликување на односите на моќ низ целиот свет, односно наметнување на сопствени цели кои немаат, според него, никаква поврзаност со либералната демократија.

„Кина користи прилично бескрупулозни деловни аранжмани“, предупреди Марфи, повикувајќи ги властите во Босна и Херцеговина да бидат внимателни во однос на кинеските инвестиции, односно да ги отфрлат оние што можат да имаат одлучувачко влијание врз националната безбедност.

МИА

- Реклама -