Американски експерт: Србија треба да добие излез на море, Западен Балкан не може веќе да смета на ЕУ

На Србија, во замена за дел од Косово, треба да ѝ се понуди Труманов предлог – излез на море, изјави синоќа директорот на Институтот за стратешки студии во Вашингтон, Грегори Копли, пренесува српски „Новости“.

„Кога на Србија би ѝ се вратил оној дел од Косово и Метохија, каде има мнозинско српско население, и кога би бил направен коридор до западна Албанија, за Србија да добие излез на море, што американскиот претседател Труман и го побара во 1919 година, тогаш би имале добитна комбинација меѓу Србија и Албанците, било оние од Косово, било оние од Албанија“, вели Копли.

Бидејќи, како што вели, комуникација речиси и да нема меѓу Приштина и Белград, активно треба да се вклучи меѓународната заедница, посебно САД, кои на тој начин би ја покажале својата сила, моќ и престиж на Балканот.

Копли вели дека во овој момент и на лидерите на Косово им е јасен фактот дека едноставно не можат да направат „државата Косово“ да зависи сама од себе, како и дека и нив „им се трошат опциите“ многу брзо.

„Проблемите, кога е самото Косово во прашање, нема така лесно и сами да се решат. Меѓународните признавања на Косово од државите ширум светот се практично изнудени преку притисокот и влијанието на САД, посебно под Клинтоновата администрација, па и оние по него“, вели Копли.

Сега дојдовме во фаза, вели, државите да ги повлекуваат признавањата.

Копли потсети дека доста време поминал во регионов во текот на 90-тите години, следејќи го развојот на ситуациите, вклучително и на Косово.

„Да се разбереме, Косово веќе нема да се врати под закрила на Србија, како што тоа некогаш беше. Нашиот колега Дарко трифуновиќ неодамна изнесе план за замена или размена на територии, во замена за признавање, и тоа, според мене, е многу разумно“, рекол Копли коментирајќи ја актуелната ситуација на Косово и Метохија.

Прочитајте и:  Османи: Секое загрозување на правата на Албанците во С. Македонија ќе наиде на решително противење и единство на Албанците од цел Балкан

Тој истакнува дека албанското население и ОВК отсекогаш имале желба да се соединат со Албанија и додава дека тоа е многу можно, како и дека би можело да биде признаено од меѓународните заедници.

Прашан дали е песимист кога е во прашање Западен Балкан, Копли вели:

„Не сум ни оптимист, ниту сум песимист. Што гледаме сега? Руско-кинески сојуз, заедно со Турција, всушност посебно Турција и Русија сакаат да имаат сѐ поголемо влијание на Западниот Балкан. Според тоа, овој простор одново станува граница меѓу Истокот и Западот. Тоа би можело да биде искористено позитивно или негативно од страна на Србија и српскиот народ, генерално“.

Исто така, оваа ситуација на позитивен начин можат да ја искористат и САД, смета тој.

Оценува и дека ниту една земја од регионот веќе не може да смета на ЕУ, на нејзината економска помош и иднина, бидејќи, како што вели, „започнат е распадот на ЕУ“.

„Вистинско време е Србија да се сврти кон Британија, како независен играч, за да би презела што поактивна улога во регионот. И секако, Трамповата администрација. Србите едноставно мораат да се свртат самите кон себе и да одлучат што сакаат и каде се гледаат себеси во иднина. Тогаш може и да се случи нешто позитивно, како за Србија, така и за Србите генерално“, уверен е Копли.

Она што Србија го сака и треба да биде, тоа е да стане еден моќен мост меѓу Истокот и Западот, констатира Копли, истакнувајќи дека тоа е голема прилика за Србија да стане „вистинска раскрсница на Балканот“.

- Реклама -